Франција

Валс: Сеуште ја немаме целосната слика

17.11.2015 16:53

Францускиот премиер истакна дека можеби има соучесници во Белгија, поединци што се поврзани со убиствата, и дека сега е најважно властите да се фокусираат на истрагата...

Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека се уште не се знае точно колку луѓе биле вмешани во терористичките напади во Париз. Тој истакна дека можеби има соучесници во Белгија, поединци што се поврзани со убиствата, и дека сега е најважно властите да се фокусираат на истрагата.

„Истрагата продолжува. Семејствата на загинатите тагуваат по своите најблиски. Некои од жртвите се уште не се идентификувани. Истовремено, додека го зборувам ова се одвива истрага и лов, а јас нема да кажам ниту еден збор за работата што се правеше и што се уште се прави. Целта е да се уништи исламска држава и да се уапсат одговорните и да се дознае што точно се случило“, изјави премиерот Валс.

Валс рече дека не се знае колку тима учествувале, ниту како оперирале ниту пак што точно се случувало кај стадионот стад де франс.

Покрај седумтемина самоубијци кои беа убиени на местото на нападот, истражителите трагаат и по Салах Абдеслам за кого се претпоставува дека е осмиот човекот од тимовите кои директно учествувале во нападите и против него е издадена меѓународен налог за апсење.

Според истражителите, тој имал врски со Абделхамид Абауд, 28-годишен белгиски екстремист кој живеел во Сирија , активен член на Исламска држава, осомничен дека е нарачател на нападите планирани во Белгија. Француските експерти сметаат дека ќе има уште насилство. Тие сметаат дека целта на џихадистите е да предизвикаат масовен масакр во Европа и дека треба да се очекуваат уште пострашни напади од оној во францускиот главен град. 

Во Франција се спроведува масовна мобилизација по терористичките напади. 115 илјади припадници на безбедносните сили се распоредуваат на клучни точки низ земјата. Во текот на ноќта се изведени уште 128 рации на осомничени милитанти пришто се уапсени 23 лица, а запленето е и огнено оружје, вклучувајќи и ракетен лансер.

Министерот за внатрешни Казњев извести дека во текот на летото во Франција биле спречени шест напади од тој тип, но повеќето терористи од Париз им биле непознати на службите за безбедност. Франција се повика на досега неприменета клаузула од договорот за Европската Унија која ги обврзува земјите членки да и обезбедат „помош во рамките на нивната моќ“ и како што соопшти шефицата на европската дипломатија Могерини, сите 28 земји членки се согласиле.  

 

Марина Автовска