Концерт на Влатко Стефановски во Вашингтон по повод Денот на благодарноста
Настап на Влатко Стефановски во Вашингтон како знак на благодарност од македонскиот до американскиот народ, во организација на Mинистерството за одбрана. „Целта е да ја искажеме благодарноста до Америка за поддршката што ни ја даваат од нашата независност и да порачаме дека Република Македонија е партнер на Соединетите Американски Држави“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски во Вашингтон...

Со „Јовано, Јованке“, „Македонско девојче“, „Калајчиско оро“, „Џипси Меџик“, „Скопје“, македонскиот виртуоз на гитара Влатко Стефановски на најдобар начин им ја претстави македонската музика на американската публика во Вашингтон.
„Ова е моја осма посета на Америка. Во Вашингтон сум втор пат, во Њујорк сум бил повеќе пати, во Лос Анѓелес сум бил повеќе пати и во Канада исто така повеќе пати. Драго ми е што сум во Вашингтон. Препознав некои места шетајќи по оние музеи, галерии и туристички атракции низ Вашингтон. Се потсетив на моите настапи овде со „Леб и сол“ пред 33 години и ми се разбудија некои чудни емоции. Задоволен сум од вечерашниот настап. Видов и некои познати луѓе, поранешните американски амбасадори“, изјави Стефановски.
Концерот во Гринберг театарот во Вашингтон во организација на Министерството за одбрана е дел од традиционалната благодарност до американскиот народ од Република Македонија, што секоја година се одржува во главниот американски град за празникот Ден на благодарноста.
„Целта на оваа манифестација е да ја искажеме благодарноста од македонскиот народ до американскиот народ, за целата поддршка што ни ја дадоа од независноста. Иста така целта на овој настап е да собереме претставници на Конгресот, на администрацијата, на културниот живот овде во Вашингтон, и да ја претставиме македонската култура. Притоа да ја пренесеме пораката дека сме благодарни за сето она што Америка го прави за Република Македонија и дека Република Македонија е партнер на Соединетите Американски Држави“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
Меѓу посетителите имаше и сенатори, конгресмени, дипломати и претставници на американските невладини организации. Министерот за одбрана го претстави и доктор Срџан Керим, македонскиот кандидат за функцијата Генерален секретар на Обединетите нации. Стефановски и Керим упатија сочувство до француските граѓани поради загубата на млади животи во терористичките напади.
Оваа година по 7-ми пат Република Македонија приредува манифестација по повод Денот на благодарноста во Вашингтон.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
