Париз: Загинати и уапсени во антитерористичка акција во предградието Сен Дени

18.11.2015 10:05

Во Париз акција за апсење на планерот на нападите, Абделхамид Абауд. Двајца осоминечени се убиени. Повредени се четворица полицајци. Операцијата се одвива во северниот дел на француската престолнина, во Сен Дени. Се претпоставува дека главниот организатор на терористичките напади се крие во стан заедно со пет вооружени лица...

Голема антитерористичка акција во француското предградие Сен Дени во Париз. Повеќе од сто полицајци заедно со војската го опколиле станот во кој биле лоцирани петтемина терористи кои учествуваа во нападите во петокот вечерта. Се претпоставува дека меѓу нив е и главниот организатор Абделхамид Абауд.

За време на акцијата жена-самоубиец активирала бомба. Во престрелката има најмалку тројца  загинати. Има и уапсени терористи. Полицијата соопшти дека во престрелката се повредени и неколку полицајци.

Локалните жители јавуваат дека се слушнале неколку  експлозии и претсрелки.

„Тие се во мојата куќа, тие се кријат кај мене, но не знев дека се терористи. Ме прашаа дали двајца можат да престојуваат во станот, и јас им дозволив, но не знаев од каде доаѓаат“, вели сопственикот на станот.

„Слушнав истрели. Пукањето беше страшно“, вели локална жителка.

Блокирани се сите патишта во предградието, сообраќајот е во прекин, а воедно масовно се евакуирани жителите на Сен Дени. Поради лошата безбедносна состојба, денеска нема да работат градинките и училиштата, соопштија локалните власти. Министерот за одбрана соопшти дека акцијата привршува.

Во меѓувреме, два авиона на авиокомпанијата „Ер Франс“ се пренасочени и приземјени поради дојава дека во нив има поставено бомба. Авионите летале од САД кон Париз.

Франција в петок на состанокот на шефовите на Европската унија во Брисел ќе побара привремена суспензија на Шенгенскиот договор, како и итна внатрешна контрола на границите низ Европа.

Францускиот министер за прекуморски територии, Жан Пол Ланжевен соопшти дека вонредната состојба е проширена и на прекуморските територии, односно на територијата на Карибите и на островот Реунион во Индискиот Океан.

Поради безбедносни причини, вчера беа откажани фудбалските натпревари Германија - Холандија на кој требало да присуствува и канцеларката Меркел, како и пријателскиот натпревар меѓу Белгија и Шпанија.

 

Марија Петковска