Заврши антитерористичката акција на француската полиција
Седум лица се уапсени, двајца убиени во антитерористичката операција во париското предградие Сен Дени. Специјалката на полицијата и војската за отсранување на терористи поврзани со нападите пред неколку дена заврши. Има пет ранети полицјаци. Жителите на околните згради за време на акцијата биле евакуирани во привремени засолништа...

Нешто пред 12 часот, портпаролот на француската влада Стефан Ле Фол, соопшти дека заврши полициската акција против терористите во Сен Дени. Оваа информација ја даде веднаш по завршувањето на министерскиот совет на Владата со претседтелот на Франција во Елисјската палата.
Министерот за внатрешни работи Бернар Казенев, кој беше на лице место на престрелката, заедно со јавниот обвинител на Париз, Франсоа Моланд, потврдија дека се убиени двајца терористи, седум се уапсени од овие апсења. Пет припадници на силите на редот се полесно повредени, а е убиено и едно полициско куче при интервенцијата.
Во антитеористичка акција во центарот на Сен Дени, во непосредна близина на Париз, која започна во 4:30 минути, од рано изутринава е речено дека е убиена една жена-камиказа која самата ја активирала експлозивната направа при интервенцијата на полицијата и второто било убиено од страна на полицијата.
Француската полиција, според јавниот обвинител уапси пет лица, од кои три биле во станот каде се криеле терористите, двајца во непосредна близина на станот, а двете други уапсени се сопственикот на станот и негов близок.
На лице место има импресионирачки полициски сили, брза помош, пожарникари, а во засилување за обезбедување на зоната се наоѓа и армијата.
Според повеќе француски медиуми, целта на полициската акција во Сен Дени беше апсењето на Абделхамид Абауд, кој се смта за организаторот на атентатите во Париз и Сен Дени на 13-те ноември. Но, не е потврдено дали тој се наоѓа меѓу уапсените или убиените терористи, чиј идентитет се проверува.
Француските власти посочија дека нема загинати цивили во антитерористичката акција.
Повеќе истрели се слушнале околу 4:30, кои ги разбудиле жителите. Во 5 часот се уште се слушале истрели и детонации, а прозорците на зградата се осветлувале. Околу 5:20 се слушнаа повеќе сирени, додека престрелката се смирувала. Полицијата го евакуира плоштадот Жан Жорес до општинската зграда, и повторно им советува на граѓаните да останат дома. Евакуирана е и големата пешачка улица Републик, како и улиците Корнијон и Шомет, односно меѓу 15 и 20.000 жители на Сен Дени беа блокирани поради антитерористичката операција.
Јавниот превоз во Сен Дени автобусите, метрото и трамвајот се запрени поради полициската акција. Исто така префектурата назначи дека факултетите, училиштата и градинките денес ќе бидат затворени.
Да потсетиме дека во Сен Дени до Стад де Франс, дојде до првиот терористички напад, каде првиот камиказ се разнесе во петокот вечерта, убивајќи едно лице и ранувајќи триесетина.
На воен план, француските авиони ноќеска повоторно беа во акција бомбардирајќи ги позициите на Исламската држава во Сирија, а изутринава од Тулон, кон источниот дел на Средозменото море се упати и носачот на авиони „Шарл де Гол“.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
