Во декември конференција за Рамковниот договор
Вицепремиерот Муса Џафери за МТВ објаснува дека партиите дебатираат на темите антидискриминација, образование, употреба на јазиците...

Демократската унија за интеграција во декември ќе побара втор Рамковен договор во Македонија – објавува интернет сајтот „МКД.МК“. Во написот стои, се предвидува официјализирање на албанскиот јазик како втор службен јазик и издигнување на албанската заедница над другите согласно препораките од анализата на договорот изработена за 200 илјади евра од страна на Европскиот институт за мир, предводена од посредникот во конфликтот од 2001-ва, Питер Фејт, а според „МКД.МК“ потпишана од вицепремиерот за спроведување на рамковниот, Муса Џафери.
Вицепремиерот Муса Џафери за МТВ објаснува дека партиите дебатираат на темите антидискриминација, образование, употреба на јазиците. Опфатена е децентрализацијата и помалите етнички заедници. Анализата од дебатите, вели Џафери, ќе биде објавена до средината на декември во која ќе биде опфатено и постигнатото од Рамковниот договор. Разговараме за да постигнеме пресек на постигнатото и тоа што треба да се спроведе понатаму од имплемнентацијата, рече Џафери.
ВМРО- ДПМНЕ се огласи со соопштение во кое потенцира дека СДСМ се залага за федерализација, а тоа се гледа од изјавите на Зоран Заев и Фрчковски кои во изјави отворено се залагаат за изучување на албанскиот јазик во целата држава, но и за албанец премиер. СДСМ во континуитет ги руши македонските национални интереси. Затоа, СДСМ не ја добива довербата на народот. 24-ти април е денот кога СДСМ ќе ја добие заслужената казна, пишува во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.