Случај Хаџиски: Мајката на Јошевска бара праведна пресуда
Во Кривичниот суд продолжи судењето за убиството на Мери Јошевска. Сведочеше нејзината мајка која побара судот да го казни обвинетиот...

Ниедна сума на светот не може да ја надомести загубата што ја чувствувам по убиството на мојата ќерка. Секаква парична надокнада ја сметам за гнасна. Ова се зборовите на Јелица Јошевска, мајка на убиената Мери, која 22 години по убиството се врати во судот за да сведочи и да побара праведна пресуда. Повеќе од две децении кај неа тлее горчината зошто обвинетиот не повикал итна медицинска помош и дозволил Мери да искрвари до смрт.
Иако мајката не бара, сестрата на Мери бара надокнада ако се утврди дека Хаџиски е виновен за убиството. Не прецизираше колкава сума. За обвинетиот рече дека не му се потребни тројца адвокати и дека треба чесно да си ја издржи казната.
Каква и да биде пресудата, семејството Јошевски, како што рекоа, единствено се сигурни во Божјата казна.
Миле Хаџиски е обвинет за убиство сторено во ’93-тата. Три месеци по апсењето беше пуштен да се брани од слобода, по што избега во Франција. Во отсуство е осуден на 20 години робијазатоа што со 40 убоди со нож, како што тврди обвинителството, ја убил Јошевска во нејзиниот стан. Пред неколку месеци Хаџиски е уапсен и екстрадиран во Македонија по што побара да му се суди одново. На главниот претрес тврдеше дека долго време бил убеден дека го сторил убиството, но повеќе не е сигурен.
Анита Димитријевска