На маса се сите сценарија доколку мигрантската криза ескалира

18.11.2015 16:12

Надлежните во Mакедонија ги имаат подготвено сите можни сценарија доколку се влоши состојбата со мигрантската криза. Една од опциите е и подигање ограда, која што не е посакувана. Терористичката драма во Франција и заканите низ Европа го отворија прашањето за безбедноста. Ова се некои од ставовите што можеа да се слушнат на Меѓународната конференција за упаравување со кризи во Скопје...

Од успехот во справувањето со една криза, зависат и последиците, велат од Центарот за управување со кризи. Безбедноста на ниедна земја од регионот и од  Европа, вклучувајќи ја и Македонија, не е веќе гарантирана по тероризмот во Париз, но и по заканите низ Европа. На маса се сите сценарија доколку кризата со мигрантите ескалира.

„Значи сега ние сами како држава ќе цениме како ќе се заштитиме и како ќе ја обезбедиме безбедноста на нашите граѓани. Ние не би сакале да дојде до поставување  жици, огради зошто тие не се хумани и се  против принципите за човекови права, но ако останеме сами и ако сме принудени, се размислува и за такви мерки“, вели Сузана Салиу, директор на ЦУК.

Македонија и САД имаат блиска соработка, а ова се однесува и на актуелната мигрантска криза, тврди американскиот амбасадор во земјава. Нападите во Париз се закана за сите нас, на што ќе биде жестоко возвратено.

„Ова претставува закана за сите нас, потребни се координација, солидарност и решителност. Знам дека ние ќе надвладееме над ова зло и знам дека жестоко ќе продолжиме да се бориме против тероризмот. Во исто време, нема да заборавиме да покажеме сочувство, разбирање и да им дадеме помош на луѓето кои бегаат од  злото. Ова е голем предизвик и ќе работиме посветено“, рече американскиот амбасадор, Џес Бејли.

Земјава ги спроведува конвенциите посветени на човековите права. Во транзитниот центар во Гевгелија, функционира амбуланта со медицински персонал во три смени со бесплатна здравствена заштита, појасни ресорниот министер Тодоров. Досега е укажана помош на над 1.200 мигранти, а меѓу бегалките има и осум родилки во земјава.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Бесими, годинава на дневна основа им е помогнато на околу 5 илјади мигранти во просек, или речиси на половина милион досега. Бесими нагласи и дека Македонија една деценија придонесува во глобалните мировни мисии.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска