ПОДГОТОВКИ ПРЕД АПРИЛСКИТЕ ИЗБОРИ

ВМРО-ДПМНЕ со граѓаните ќе ја пишува новата изборна програма

18.11.2015 16:28

На Македонија и треба твојата идеја! ВМРО-ДПМНЕ побара од граѓаните со свои предлози и решенија да придонесат во кроењето на новата програма. Лидерот на партијата, Никола Груевски рече дека го исполнуваат дадениот збор и дека така ќе биде и во иднина. Очекува досега најсеопфатна и реална програма. Четири партиски тима секојдневно ќе бидат на терен меѓу граѓаните...

ВМРО-ДПМНЕ новата програма за парламентарните избори ќе ја пишува со граѓаните. „На Македонија и треба твојата идеја“ под овој слоган  владејачката партија ги повикува сите граѓани да ги достават предлозите. Посакувам бомбардирање со идеи на кои силно ќе се посветиме и ќе се фатиме во костец да ги реализираме,рече лидерот на партијата Груевски. Според него, партиската програма, граѓаните ја чувствуваат како своја, бидејќи како што рече, знаат дека се што во неа е напишано ќе биде реализирано.

„Вие со години ги гледате нашите очи, а не нашиот грб. Затоа што ние имаме смелост и чест да ве погледнеме во очи и да не го собориме нашиот поглед. Бесата е беса велат нашите сограѓани Албанци. Македонската народна поговорка пак вели- Тој кој најспоро ветува, најверно ги исполнува своите ветувања. Нашите противници ќе ви ветуваат чуда и волшебни решенија. Тие немаат друг избор. И тие немаат образ да останат на зборот, и тоа го покажаа во минатото безброј пати, кога ја имаа шансата“, рече Груевски.

Груевски и со отчет за досега реализираните проекти, бидејќи како што вели, граѓанинот секогаш е на пиедесталот каде што и ќе остане. Со програмите „Преродба“ која потоа прерасна во „проширена и надградена“ а наследена од „Манифестот за реформи и развој“ и „Проверено“ се реализирани над 3 илјади проекти.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги потенцира историски најниското ниво на невработеност од 26,8 насто, отписот на долговите, повисоките плати, пензии и социјалната помош, патната и железничката инфраструктура, реформите во здравството, образованието и субвенциите за земјоделците.

ВМРО-ДПМНЕ е сервис на граѓаните. За нашите работи само ние решаваме. Денес кога ја имаме слободата, останува да се стремиме кон напредокот и совршенството, потенцира претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

Не ветуваме дека се ќе може да реализираме, тоа никогаш го немаме ветено, затоа што имаме свест дека не е можно се, веднаш и сега, но доколу и најмалку е можно ние тоа ќе го направиме. Почнува нашиот поход кон новата победа на следните избори. Тоа е поход заедно рамо до рамо, рака за рака, со народот на Македонија. Гордо и достоинствено“, нагласи Груевски.

Груевски очекува досега најсеопфатна и реална програма. Четири партиски тима речиси секојдневно ќе бидат на терен меѓу граѓаните. Во реализацијата на програмата ќе се вклучат домашни и странски експерти.

 

Милчо Велески