Потребни се конкретни мерки за справување со климатските промени
Европа е окупирана со мигрантската криза, но Обединетите нации предупредуваат – ќе има и нов бран предизвикан од климатските промени. Неопходен е обврзувачки договор за сите земји за одржлив развој кој ќе ги ублажи последиците. Фокусот на јавноста свртен кон претстојниот самит во Париз...

Иако Македонија нема конкретни обврски за намалување на емисиите на стакленички гасови, сепак како земја кандидат за влез во ЕУ ја следи европската политика во оваа област и на доброволна основа ги вгради и двата аспекта во националните извештаи за климатски промени.
Претседателот Ѓорге Иванов ќе ја предводи македонската делегација на претстојниот климатски самит во Париз на кој ќе ги претстави и интересите на 18-те земји од Централно европската иницијатива со која претседаваме. Иванов очекува досегашната декларативност да биде преточена во конкретни мерки за акција.
„Се залагаме за усвојување меѓународен, научно издржан и правно обврзувачки климатски договор што ќе биде амбициозен и ќе биде применлив за сите земји. Воедно, сметаме дека овој договор треба да биде холистички, сеопфатен“, рече претсеадтелот Иванов.
Токму претстојниот самит беше во фокусот на седницата на националниот совет за одржлив развој. Интегрирањето на новите 17 глобални цели во националните стратегиски документи ќе придонесе за подигнување на животниот стандард на граѓаните и за побрз економски развој на земјава, нагласи вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Предвидено е до 2030-та земјава да ги намали емисиите на јаглерод диоксид од согорување на фосилни горива за 30, односно 36% во најдобра варијанта.
„За реализација на сценариото за ублажување на климатските промени потребни се дополнителни инвестиции проценети над 4 милијарди евра, а за поагресивното сценари од 4,5 милијарди евра“, рече вицепремиерот Пешевски.
За да се реализираат амбициозно поставените глобални цели, Пешевски смета дека е потребна заеднички координирана акција на мултилатерално ниво, затоа што последиците од климатските промени не можат да се стават во границите на една земја.
Свето Николовски