Се создава сојуз против ИД, терористите возвраќаат

19.11.2015 10:29

Русија, САД и Франција создаваат сојуз против Исламска Држава. На ова наведуваат информациите за концентрација на воената поморска сила на трите држави во Mедитеранот. Вчера рускиот претседател Путин контактираше со штабот во Сирија и ги извести за впловувањето на францускиот носач на авиони Шарл Де Гол во источниот Медитеран. Во меѓувреме терористите возвраќаат насекаде во светот...

Светот е на штрек по нападите во Париз, земјите ја зголемуваат безбедноста, но џихадистите не мируваат, засегнати се сите континенти. Во Сараево, вахабист идентификуван како Енес Омерагиќ уби со автоматско оружје двајца војници, по што се разнесе со бомба во сопствената куќа. Во два бомбашки напади, од кои едниот го извршило 11-годишно девојче, во нигерискиот град Јола загина најмалку 31 лице. Авион со 161 патник и членови на екипажот на лет од Виена до египетското одморалиште Хургада принудно слета во бугарскиот град Бургас по лажна дојава за бомба. Сега и Њујорк стравува дека е наредната цел на џихадистите, откако ИДИЛ објавија морничава видео снимка за напад на Тајмс Сквер – бомбаш самоубиец како прави бомба и излегува на улиците на Њујорк.

„Сакам да ги охрабрам њујорчани да продолжат со нормалното секојдневие. Нема назнаки за конкретна закана против Њујорк. Полицијата соработува со ФБИ и другите федерални партнери. Повторувам – нема конкретна и веројатна закана против Њујорк“, изјави Бил де Блазио, градоначалник на Њујорк.

Откако неколку сојузни американски држави ја суспендираа програмата за релокација во САД, сириските бегалци најдоа нова рута. Властите на Хондурас уапсија петмина на аеродромот во Тегусигалпа, сите со фалсификувани грчки пасоши. Долетале од Ел Салвадор и планирале по копнен пат, преку Мексико, да влезат во САД.

„Имаа лажни документи, пасоши кои се под истрага, украдени во Грција. Уапсени се во соработка на полициски разузнавачи и Интерпол“, вели Анибал Бака, портпарол на полицијата на Хондурас.

Во меѓувреме, во Средоземно Море се концентрираат носачи на авиони – американскиот Хари Труман, францускиот Шарл де Гол и рускиот Адмирал Кузнецов. Главната цел им е Рака, главниот град на калифатот на Исламска Држава. Во меѓувреме, џихадистите се обидуваат да ги консолидираат редовите – така експертите го толкуваат последното убиство на странски државјани – Норвежанец и Кинез, кои ги егзекутирале откако нивните земји одбиле да платат откуп.

 

Ивана Салтировска