Американски конгресмени: Време е Македонија да стане дел од НАТО
Во Американската администрација сѐ повеќе преовладува ставот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Поканата за прием најверојатно во декември ќе ја добие Црна Гора, но сенаторите и конгресмените оценуваат дека членството на земјава ќе ја зајакне стабилноста на алијансата и на регионот. Лобирање на Министерот за одбрана Јолевски во законодавниот дом во Вашингтон...

Поради новите безбедносни промени во Европа, потребно е Македонија да биде дел од НАТО. Се надевам дека некои земји како Грција ќе разберат дека сега се работи за безбедноста, што е најважно во овој момент, истакна конгресменот Џеф Милер на средбата со министерот за одбрана Зоран Јолевски во Вашингтон. Десетината американски конгресмени и сенатори истакнале дека Македонија иако е мала земја, се покажа како достоен партнер на Соединетите Американски Држави и даде огромен придонес во мировните мисии.
„Во разговорите беше истакнато дека е време да се размислува стратешки за тоа како понатаму да се зајакне стабилност во цела Европа. Еден од елементите како оваа стабилност може да се зајакне е преку покана за Република Македонија и за Црна Гора за членство во НАТО, а за Босна и Херцеговина да добие процес кој ќе води до целосно членство. Се разбира за Босна и Херцеговина ќе треба подолго време. Меѓутоа сите конгресмени и сенатори со коишто разговарав е време Европа и Соединетите Американски Држави да размислуваат стратешки за проширувањето на НАТО“, изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски.
Американските политичари упатија пофалби за реформите во Македонија и за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД во областа на одбраната. Мигрантска криза и појавата на екстремисти на тлото на Европа јасно покажува дека потребно е да се работи заеднички со цел сузбивање на тероризмот.
„Сите сенатори, конгресмени и во администрацијата се интересираа за начинот на движење на мигрантите низ Европа. Како може тој начин на движење на мигрантите да биде побезбеден, од аспект да се знае кој влегува во државите, односно тој транзит да биде соодветно и целосно регистриран. Понатаму тие ја изразија загриженоста во целина за безбедносната состојба не само во Европа, туку и во Америка, и кажаа дека како земја партнер се подготвени да работат со партнерите од Европа, вклучувајќи ја и Македонија, со цел светот да стане побезбедно место за живеење“, вели Јолевски.
Расте поддршката кај американските конгресмени и сенатори за прием на Македонија во НАТО. Тие сметаат дека не треба да се обесхрабруваат земјите да станат дел од НАТО, напротив потребен е пример кој ќе покаже дека вратите на НАТО се отворени. Писмото во американскиот Конгрес со кое се бара Македонија да стане полноправна членка на НАТО на самитот во Варшава идната година, досега го потпишале 36 конгресмени.
Во моментов, 24 американски конгресмени се членови на групата за пријателство со Република Македонија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРT