Валс: Можен хемиски или биолошки напад
Пред француските пратеници, кои дебатираат за продолжување на вонредната состојба, премиерот предупреди и на уште едно мрачно сценарио на џихадистите...

Светот е на штрек по нападите во Париз, земјите ја зголемуваат безбедноста, но џихадистите не мируваат, засегнати се сите континенти. Пред француските пратеници, кои дебатираат за продолжување на вонредната состојба, премиерот предупреди и на уште едно мрачно сценарио на џихадистите.
„Знаеме и свесни сме дека постои опасност и од напад со хемиско или биолошко оружје“, изјави Мануел Валс, премиер на Франција.
„Начините на оперирање, напаѓање и убивање еволуираат. Мрачната имагинација на наредбодавачите е неограничена“, рече Валс и ја повика Европа поостри контроли на патниците во Шенгенот. Истрагата во Франција го потврди стравот дека непријателот е внатрешен – сите осум терористи во Париз, родени и израснати во Европа, имале пасоши од Европската Унија и ниеден не бил бегалец. Во солидарност со Франција, иако со се уште различни ставови за судбината на сирискиот претседател Асад, САД и Русија се зближуваат против заедничкиот непријател.
„Русите и Иранците ќе мораат да донесат суштинска одлука – дали веруваат дека можат да го поддржуваат Асад и да извојуваат победа во Сирија против целата опозиција или е подобро да се спаси сириската држава и да се соработува со меѓународната заедница и ОН за изнаоѓање легитимна влада. Тоа ќе ни овозможи да го вратиме фокусот на ИДИЛ како обединет свет“, изјави американскиот претседател Барак Обама.
„Француска поморска флота предводена од носач на авиони наскоро ќе влезе во вашата област на оперирање. Мора да воспоставиме директен контакт со Французите и да соработуваме со нив како со сојузници“, рече рускиот претседател Владимир Путин.
Во Средоземно Море се концентрираат носачи на авиони – американскиот Хари Труман, францускиот Шарл де Гол и рускиот Адмирал Кузнецов. Целта им е Рака, главниот град на калифатот на Исламска Држава, каде што, џихадистите се обидуваат да ги консолидираат редовите – така експертите го толкуваат последното убиство на странски државјани – Норвежанец и Кинез, кои ги егзекутирале откако нивните земји одбиле да платат откуп. Во меѓувреме, по дојава на ФБИ, италијанската полиција трага по пет лица кои планирале напади врз значајни објекти во Рим, меѓу кои и катедралата Св. Петар.
И Њујорк стравува дека е наредната цел на џихадистите, откако ИДИЛ објавија морничава видео снимка за напад на Тајмс Сквер, но ниту Балканот не е далеку од опасноста откако во Сараево, вахабист идентификуван како Енес Омерагиќ уби со автоматско оружје двајца војници, по што се разнесе со бомба во сопствената куќа.
Ивана Салтировска
