Балканска рута: Селекција меѓу мигрантите и бегалците
Разграничувањето меѓу бегалците од воените жаришта и економските мигранти се спроведува на терен. Нашите власти и натаму бараат идентификацијата да се спроведува од грчка страна...

Се подготвува ли терен за евентуално ограничување на протокот на мигранти? Тоа е последната опција,велат надлежните. МВР и Армијата демантираат дека на дел од јужната граница се поставува бодликава жица. Портпаролот на генералштабот потполковник Јаневски за МТВ вели дека се работи на расчистување на теренот согласно со донесените заклучоци на Советот за безбедност одржан во саботата. Од МВР информираат дека од вчера попладне се пропуштаат само лицата кои доаѓаат од Сирија, Ирак, Авганистан,земји кадешто има воени дејствија.
Таканаречените економски мигранти не се пропуштале. Мигрантската криза и ваквите превентивни мерки тема и на министерската конференција во Софија. Заменик министерот Чавков вели дека менаџирањето на состојбата ќе биде многу тешко без ангажирање на грчките власти во намалување на бројот на мигрантите што влегуваат во Македонија. Потребно е и активно учество и на Фронтекс и Европол.
„Се наметнува потреба за редуцирање, односно одвојување на економските мигранти од онаа популација на која има е потребна помош- бегалците од воедните жаришта. Со тоа се наметнува прашањето за текот на движењето на луѓето кои не доаѓаат од Сирија и Авганистан, односно од другите држави, кои практично претставуваат економски мигранти. Само по себе тоа наметнува нови обврски, но таквите обврски нема да биде едноставно да се реализираат, доколку не се намали приливот на мигранти од Грција во Република Македонија, бидејќи само теоретски е возможно со прилив од 9.000 мигранти да имате ефективен пристап во утврдување на потеклото на мигрантите, односно одвојување на економските мигранти од бегалците“, изјави за МРТ заменик- министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.
МВР од хрватските власти добило известување дека во периодот што следи доколку влезат таканаречени економски мигранти ќе почне постапка за нивно враќање во земјата од каде што влегле. И српското МВР, телефонски го известило македонското МВР, за иста постапка, што пак отвора можност Македонија по принципот на реципроцитет да ги враќа во Грција.
Наташа Гркова- Петрушевска