Заменик- министерот Чавков на состанок на Комитетот на министри во Софија
Чавков нагласи дека соработката со сите земји од регионот е клучна и дека Република Македонија е подготвена за соработка во секој момент со сите земји од регионот како и со европските и меѓународните институции и агенции за справување со мигрантската криза...

Во рамки на работна сесија на Салзбург Форумот што се одржува во Софија, Република Бугарија, заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков нагласи дека соработката со сите земји од регионот е клучна и дека Република Македонија е подготвена за соработка во секој момент со сите земји од регионот како и со европските и меѓународните институции и агенции за справување со мигрантската криза.
Истовремено, тој посочи дека дел од заклучоците на лидерите од регионот на минатомесечениот состанокот во Брисел веќе се спроведуваат. Номинирани се контакт точки за размена на информации и координација меѓу земјите долж западно-балканската рута, обезбедени се привремени засолништа за бегалците и мигрантите со формирање на привремени прифатни центри. Полицијата е постојано на терен. Се идентификуваат и регистрираат што поголем број мигранти и се преземаат засилени мерки против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти.
Земајќи ја во предвид новонастанатата состојба со редуцирање на бројот на мигранти кои транзитираат на западно -балканската рута и кои не треба да бидат повеќе од 3.000 дневно, како и тоа дека во Република Македонија секој ден доаѓаат од јужниот сосед помеѓу 7.000 – 9.000 мигранти, Чавков истакна дека менаџирањето на оваа состојба ќе биде многу тешко без вистинко ангажирање на грчките власти, во насока на намалување на бројката на мигранти кои ги препраќаат кон Република Македонија, како и итно и неодложно активно учество на сите европски институции, пред се на Фронтекс и Европол во делот на брзо и неодложно ставање во функција на т.н. hot Spots во Грција и Италија.
Во продолжение на Салзбуршкиот Форум, се одржа и 14-тиот Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, со кој моментално претседава Република Македонија. Исто така, на маргините на овој настан беше организирана и билатерална средба со заменик Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Мијо Крешиќ, при што беа разменети информации и искуства во делот на справувањето со миграцијата, можните ризици и проблеми кои ги носи миграцијата, справувањето со тероризмот и слично.