Трансфер на нови знаења и технологии во областа на енергетската ефикасност

19.11.2015 16:00

Академската фела се отвора за студентите кои сакаат да ги продлабочат своите знаења од областа на електротехниката. Ги вклучува во научно- истражувачки проекти, а успешните компании ги презентираат најновите проекти и искуства. Радува фактот дека се повеќе студенти се заинтересирани за трансфер на нови знаења и технологии...

Седумдесет студенти и професори од земјава и од регионот учествуваат на третата студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој што ја организираат  Факултетот за електротехника и информациски технологии и студентската асоцијација СКЕОР. Целта е пренесување и продлабочување на знаењата од академската фела на  студентите, односно можност, компаниите да ги презентираат успешните проекти и трансфер на знаења и искуства од оваа област на младите истражувачи.

„Прва година со интернационално учество и се надеваме во иднина ќе се зголемува бројот на учесници од другите земји. Исто така, имаме учество на компании со нивни премиерни предавања, има професори од академската средина со свои финални предавања кои што ќе овозможат знаењата од таа област и искуства  практично да се пренесат на студентите“, вели проф. д-р Маргарита Гиновска, ФЕИТ- Скопје.

„Кај студентите постои значителен интерес за вклучување во сите проекти кои што се однесуваат не само на енергетската ефикасност и одржливиот развој, туку и во сите области кои што ги покрива факултетот за електротехника и информациски технологии“, изјави Дејан Пејовски, студент на ФЕИТ-Скопје.

Голем интерес кај студентите предизвикуваат презентациите на успешно реализирани проекти на компаниите. Тетовската „Везе Шари“ инвестира во електроцентрала на био- гас која успешно работи веќе 9 месеци, проект реализиран со поддршка на УСАИД.

„Вкупната инвестиција во Електрошари опфаќа над 5 милиони евра и очекуваме за  7-8 години да ни се вратат инвестираните средства“, вели Бујамин Шеапи, „Везе Шари“, Тетово.

Конференцијата за енергетска ефикасност и одржлив развој продолжува да работи и во наредните два дена.

 

Свето Николовски