Повисоки земјоделски приноси со новиот систем за наводнување во Пелагонија

19.11.2015 16:24

По три децении конечно започна изградбата на цевководот за наводнување и до плодните пелагониски полиња во атарoт на општина Новаци. Овој капитален зафат тежок околу четири милиони евра ќе наводнува околу 2.000 хектари обработлива површина. Земјоделците очекуваат повисоки приноси и пренасочување на произвотството кон подоходовни култури...

Започна спроведувањето на цевководот за наводнување на полињата од новачкиот дел на Пелагонија. Над три деценискиот сон конечно станува реалност. Со оваа инвестиција не само што нема повеќе да гледаме во небото дали ќе заврне за да успееме со она што сме го посеале, туку со сигурност ќе одиме на повисоко производство и сеидбен план со подоходовни култури, велат земјоделците.

„Спред динамиката на планот во следниве две до три години цевководот етапно треба да ги покрува полињата од овој дел на Пелагонија. Со водите од акумулациите Стрежево и Суводол ќе можеме повеќе да произведуваме и да бидиме порентабилни. Сонот стана ртеалност, жалиме што нашите родители и дедовци немаат шанса да се израдуваат на нивната дамнешна желба“, вели претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров.

Околу четири милиони евра ќе чини капиталниот зафат што ќе се спроведува во две фази. Реализацијата на првата ќе трае до крајот на идната година. Водата за овој дел од системит за наводнување се обезбедува од акумулацијата Суводол.

„Оваа инвестиција многу ќе значи за нашата општина. Со првата фаза ќе бидат покриени над 600 хектари обработлива површина. Ова е јужниот крак, а догодина ќе продолжиме и од другата страна“, вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

Со втората фаза ќе бидат опфатени уште над 1.200 хектари со што конечно водата од акумулацијата Стрежево ќе стигне и од другата страна на Црна река. Според утврдената  динамика, изградбата на целиот систем ќе финишира за две до три години.

„Главните цевководи ќе имаат капацитет од еден метар кубен вода во секунада и планираме да се приклучиме на наши два цевководи“, вели директорот на ХМС Стержево, Маријан Ѓеровски.

Од Стрежево велат дека и во најоскудни години ќе можат да ги задоволот потребите на системот што ќе го покрива овој дел од Пелагонија.

 

Стевче Митревски