Македонски економски самит

Резултатите од реформите се видливи, процесот мора да продолжи

19.11.2015 16:57

„Позитивните резултати од реформите се видливи“ - оценка на учесниците на самитот на Македонија 2025 кој почна денеска во Скопје. Повеќе од 250 директори, менаџери, инвеститори разговараат за бизнис, технологија, лидерство...

Македонија направи исчекор, резултатите од реформите се видливи. Процесот мора да продолжи за земјата да оди напред. Ова го изјави еден од најголемите економски реформатори во Грузија Ника Гилаури, гостин на економскиот самиот Македонија 2025. Вели дека не верува во копирање туѓи успеси, туку во учење од туѓите искуства и грешки и имплементирање на знаењето во локални рамки.

„Сметам дека е многу битен исчекорот кој го има направено Македонија во однос на регормите. Ако тие запрат, тогаш тоа ја враќа државата назад. Мора да се продолжи со тој процес на реформи за да одите напред. Сметам дека каков и да е политичкиот прблем, треба да се реши со цел да се движи државата напред. Нашето искуство е дека колку повеќе се работи, толку побрзо може да се излезе од секава криза“, вели Ника Гилаури, поранешен премиер на Грузија.

Од самитот беше испратена порака земјите во регионот да ја интензивираат соработката и заедно да постигнат подобри резултати.

„Делот од поранешна Југославија со Албанија го сочинуваат речиси 30 милиони луѓе. Ако се гледаат сите наши пазари посебно се многу мали, но ако се споиме како еден поголем пазар, веќе имаме многу што да покажеме, и кон ЕУ и кон светот, бидејќи на тој начин растеме заедно“, смета Соња Шмуц, Асоцијација на менаџери на Словенија.

На еден од најзначајните бизнис настани во земјава учествуваат околу 40 експерти од земјава и странство. Според организаторите Самитот е силен бран што го подржува континуитетот за натамошниот економски развој на нашата земја.

„Целта на Македонија 2025 е секако да се направи посилна нација, дали е тоа преку претприемништво, инвестиции... Мораме сите заедно да работиме за да постигнеме нешто повеќе“, нагласи Џон Битов, канадски бизнисмен од македонско потекло.

На Македонскиот економски самит учествуваат и 250 менаџери, инвеститори и претприемачи кои доаѓаат од 20 земји. Во фокусот се технологијата, бизнисот и лидерството. Панел дискусиите продолжуваат и утре.

 

Сунчица Николоска