Селекција меѓу мигрантите и бегалците

19.11.2015 17:10

Балканските земји почнаа да прават селекција меѓу мигрантите и бегалците. Преку граница им се овозможува да поминат само на луѓето кои бегаат од конфликтните подрачја, но не и на оние кои се селат поради економски причини...

Земјите од Балканската рута прават селекција меѓу бегалците и економските мигранти. Низ границите се пропуштаат луѓето кои доаѓаат од воедните жаришта: Сирија, Авганистан, Ирак.  Економските мигранти не се пропуштаат. 

„Како што рекоа и другите кај нас владеат диктаторски режими. И во Авганистан, Иран, Ирак, Алжир, Мароко секаде каде што е радикалниот Ислам. Тие не убиваат. Јас пак верувам во човечноста и во науката. За нас направија огромен затвор во земјата. Јас сум млад и ми треба само малку слобода. Сакаме мир и затоа одиме во Германија“, вели бегалец од Иран.

„Од Македонија се вратив во Грција, потоа во Турција, потоа во Иран кадешто ме затворија. Зошто не им се помага на Иранците?“, прашува друг мигрант.

На границата нема нова ограда, но се подготвува теренот, по донесени заклучоци на Советот за безбедност одржан во саботата. Стои само жицата за канализирање на протокот мигранти. Замени- министерот Чавков, вели дека тешко оди менаџирањето на ситуацијата, без поголем ангажман од грчка страна. Потребно е активно учество и на Фронтекс и Европол.

„Само по себе тоа наметнува нови обврски, но таквите обврски нема да биде едноставно да се реализираат, доколку не се намали приливот на мигранти од Грција во Република Македонија, бидејќи само теоретски е возможно со прилив од 9.000 мигранти да имате ефективен пристап во утврдување на потеклото на мигрантите, односно одвојување на економските мигранти од бегалците“, изјави за МРТ заменик- министерот за внатрешни работи, Митко Чавков.

МВР од хрватските власти веќе добило известување дека во периодот што следи, доколку влезат економски мигранти ќе почне постапка за нивно враќање во земјата од каде што влегле. И српското МВР телефонски го известило македонското МВР, што отвора можност Македонија по принципот на реципроцитет да ги враќа во Грција.

Од МВР информираат дека за 24 часа во земјава влегле 2.890 лица од кои 1.265 сиријци, 554 од Ирак. Во привремениот транзитен центар во Гевгелија се наоѓаат 60-тина лица од Иран и африканските земји кои одбиваат да се вратат на грчка теритоорија од каде влегле. Ситуацијата на севермната граница за ист временски период велат од МВР е следна: излез од Македонија оствариле 4.400 мигранти од кои на 150 не им е дозволен влез во Србија поради нивното потекло од Иран и од други африкански земји.

Економските мигранти се наоѓаат во привремениот прифатен – транзит центар во Табановце.  

 

Наташа Гркова- Петрушевска