Керим: Охрабрен сум од средбите и настапите во САД

20.11.2015 10:18

„Охрабрен сум од средбите и настапите во САД, бидејќи мојата програма и идеи за иднината на Обединетите нации наидува на разбирање во Америка“, изјави македонскиот кандидат Срѓан Керим за Генерален секретар на ООН за Македонската телевизија. Доктор Керим засега е единствениот кандидат што официјално поднел кандидатура во седиштето на светската организација во Њујорк...

Македонскиот кандидат за функцијата Генерален секретар на Обединетите нации, доктор Срѓан Керим по официјалното доставување на кандидатурата е во посета на Соединетите Американски Држави. Керим имаше консултативни средби и настапи во Њујорк, Вашингтон, Чикаго, Далас и контакти со универзитети и други важни институции во Америка, каде ја претстави неговата програма за иднината на светската организација. 

„Тоа што досега се случи во Далас, во однос на мојот настап и средби, исто така и во Чикаго, охрабрува, бидејќи наидува на разбирање на аудиториумот и на една позитивна атмосфера. А тоа е и целта да се создаде една критична маса на поддршка секаде кадешто настапувам ги изложувам моите идеи, а освен тоа, тоа ми служи и како добар тест на самите идеи, размислувања и приоритети, бидејќи секоја повратна информација и реакција во оваа фаза може само да биде од корист“, изјави д-р Срѓан Керим, кандидат за генерален секретар на ООН.

Срѓан Керим досега е единствениот кандидат за Генерален секретар што официјално поднел кандидатура во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.

„Се разбира најважно е она што се случува во Њујорк во Обединетите нации. Таму имам преку 60 средби чија цел е да се создаде една добра позитивна атмосфера и поддршка, и да се разговара со сите оние земји кои посредно или непосредно ќе имаат влијание врз изборот на следниот генерален секретар. Во целина гледано, мислам дека овој престој и посета ќе има многу значајна и добра улога во рамки на целата наша стратегија како да бидеме што поуспешни во оваа изборна трка“, вели Керим.

Срѓан Керим беше претседател на Генералното собрание на Обединетите нации од 18-ти септември 2007-та до 16-ти септември 2008-та година. Претходно во периодот од 77 до 78 година, претседател на Генералното собрание беше и Лазар Мојсов како претставник на поранешна Југославија.

Мандатот на Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-Мун истекува на крајот од 2016-та година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ