ФЗОМ: Преку кол центарот за хронично болни, контактирани 10.000 осигуреници
Осигурениците поттикнати од јавувањата се интересирале и за други права од здравственото осигурување, кои се во надлежност на Фондот...

Тимовите на кол центарот за комуникација со хронично болните пациенти во рамки на Фондот за здравство, за еден месец контактирале 10.000 осигуреници со дијабетес, кардиолошки и бубрежни заболувања, од предвидените 154.531. Од ФЗОМ велат дека овој проект наидува на позитивен приeм кај осигурениците.
Осигурениците поттикнати од јавувањата се интересирале и за други права од здравственото осигурување, кои се во надлежност на Фондот, како што се остварување право на ортопедски помагала, право на медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување и барале дополнителни информации за лекови на позитивната листа, соопштуваат од ФЗОМ.
Тимови се составени од вработени од поголемите подрачни служби, како што се: Скопје, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Велес, Прилеп и Куманово. Тие се јавуваат на осигурениците со трите хронични заболувања да ги потсетат кои прегледи треба редовно да ги прават, да ги информираат за комплексноста на заболувањето, со цел да се стопира можната прогресија на болеста.
Комуникацијата во кол центарот се одвива со телефонски јавувања, смс пораки и е-пошта со осигуреници кои се хронично болни од кардиолошки, бубрежни заболувања и дијабетес.
