Најмалку три жртви во заложничка драма во Мали

20.11.2015 12:36

Според БИ-БИ-СИ од хотелот се слушале истрели од автоматско оружје. Хотелот важи за место каде најчесто одседнуваат странци кои работат во Мали...

Неколку тешко вооружени џихадисти извршија напад врз луксузниот хотел „Радисон Блу“ во центарот на главниот град на Мали, Бамако, при што според последните информации убиле три лица, а 170 држат како заложници.

Според очевидци, напаѓачите во хотелот пристигнале со дипломатски возила. Според БИ-БИ-СИ од хотелот се слушале истрели од автоматско оружје. Хотелот важи за место каде најчесто одседнуваат странци кои работат во Мали.

Ројтерс повикувајќи се на безбедносни извори објави дека еден напаѓач влегол во хотелот, пукал и извикувал „Алах Акбар“. Една британска агенција пренесува дека напаѓачите во еден момент ослободиле неколку заложници од хотелот, коишто знаеле да го рецитираат коранот.

Се уште не се знае кој стои зад нападот.