Откриена фабрика за производство на фаслификувани патики
Работилницата функционирала на принцип на повремено производство, односно по неколку дена во неделата, обично пред пазарни денови, со цел да не биде воочливо работењето. Просторијата била користена по договор за закуп, но била злоупотребена за недозволено производство...

Царинската управа откри фабрика за целосно производство на фалсификувани спортски обувки од познати брендови. По претходно добиена разузнавачка информација дека во подрумски простории во општина Чаир во Скопје постои работилница во која неовластено се изработуваат брендирани патики, по неколкумесечна интензивна истрага инспекторите од Одделението за истраги преземаа оперативни мерки и активности за откривање и фаќање на сторителите.
Работилницата функционирала на принцип на повремено производство, односно по неколку дена во неделата, обично пред пазарни денови, со цел да не биде воочливо работењето. Просторијата била користена по договор за закуп, но била злоупотребена за недозволено производство.
По добиена наредба за претрес од судија во претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, вчера бил извршен претрес на посоченета локација. Во работилницата се затекнати лица кои изработувале обувки, како и поголема количина готови обувки спремни за испорака на купувачи. Покрај готовите производи пронајдени се и повеќе машини на кои е вршено производството.
При извршениот претрес пронајдени се 154 пара готови обувки со лого на познати трговски марки.
Покрај готовите производи, откриени се обувки во фаза на изработка, како и голема количина репроматеријал за изработка на спортски обувки, како етикети, апликации, горништа, ѓонови, од кои би се произвела поголема количина обувки.
Производите и машините се привремено одземени, а по комплетирање на сите докази, Царинската управа на Република Македонија против осомничените ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма”.
