Ванхојт: Не се решение кадровските промени во МРТ
Треба да се изнајдат долгорочни решенија. Промената на луѓето нема да промени ништо во медиумската сфера. Исто така комерцијалните медиуми не смееме да ги ограничиме со забрана за реклами затоа што тоа е така во целиот свет, смета олеснувачот Ванхојт...

Не се решение кадровските промени во Македонската радио телевизија и во Македонската информативна агенција. Треба да се изнајдат долгорочни решенија. Промената на луѓето нема да промени ништо во медиумската сфера. Исто така комерцијалните медиуми не смееме да ги ограничиме со забрана за реклами затоа што тоа е така во целиот свет. Сепак очекуваме идната недела, да ги разгледаме сите понудени решенија и се надевам дека ќе изнајдеме конечно решение за да ја заокружеме оваа тема, изјави денеска белгискиот олеснувач Питер Ванхојт.
Разговорите за медиумите продолжуваат и во следниов период. Олеснувачот Ванхојт очекува дека процесот би се затворил до следниот петок. Новинарските здруженија и Синдикатот реагираат што во изборниот законик сите медиуми се казнуваат исто, а инсистираат во разговорите меѓу партиите да бидат вклучени и тие.
„Најновите измени во Изборните законик кои се донесени во нетранспарентна постапка се скандалозни. Големите казни пак ќе го зголемат притисокот врз медиумите, а може да предизвикаат и нивно згаснување. Ова што се случува е недозволиво и бараме Ванхојт итно да не стави во преговарачкиот процес“, изјави претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.
„Нема да дозволиме зад затворени врати да ни носат решенија. Нема да дозволиме да ни воведат цензура. ССНМ е згорезен од овој чин и инсистирањето на мала врата да се внесе цензурата во медиумите“, смета претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски, Тамара Чаусидис.
Од ВМРО –ДПМНЕ велат дека како партија го застапуваат ставот за саморегулација во медиумската сфера.
„Ние се залагаме за саморегулација на медиумите и почитување на етичките стандарди. Зголемените казни не се идеа на ВМРО-ДПМНЕ туку на некоја друга политичка партија. Нашиот став е казните да бидат правопропрционални со големината на медиумот. Оние медиуми што се поголеми и што имаат поголем број на вработени да имаат поголеми казни и обратно. Сепак новинарите не треба да се грижат бидејќи тоа ќе биде регулирано во Законот за прекршоци“, изјави Илија Димовски од ВМРО- ДПМНЕ.
Доколку новинарските здруженија не бидат вклучени во разговорите за медиумите на политичките партии и белгискиот олеснувач Питер Ванхојт, новинарите ќе протестираат пред Клубот на пратеници, велат од Здружението на новинари.
