Распишан тендерот за обнова на Трескавец, напролет интензивно ќе се гради
Распишан е тендерот за обнова на вековниот манастир Трескавец. Зафатот го финансира државата и чини 157 милиони денари. Напролет интензивно ќе се гради. Конаците кои до темел изгореа на 4 февруари 2013 треба да бидат готови до 2018...

Вака ќе изгледаат обновените, од пеплиштата изникнати конаци на манастирот Трескавец. Автентични какви што биле некогаш, пред двете големи огнени стихии да ги уништат.
Прилепскиот завод и музеј го распиша тендерот за изведувач. Ќе се знае во декември.
„Проектот е работен според најстарите фотографии кои ги имаме за манастирот Трескавец во нашата збирка на фотографии во кои се гледа дека и западниот и северниот конак се горе затворени, исто како што беше затворен и источниот конак. Проектот е работен да се врати автентичноста“, вели директорката на прилепскиот „Завод и музеј“, Гордана Данилоска Спироска.
Западниот, северниот и јужниот конак ќе ја чинат државата над 157 милиони денари. Најмногу внимание е посветено на заштитата од огнени стихии. Конаците се одвоени со бетонски ѕидови и огноотпорни врати, а при евентуални пожари ќе се гасне со инертен гас.
Единствениот станар на Трескавец, отец Калист кој и натаму ширум ги отвора вратите за посетителите од цел свет, радосен е што седумвековниот манастир ќе се издигне како феникс.
„Долгоочекуваниот ден конечно дојде, така што, многу се израдувавме. Се надеваме дека пред да дојде зимата барем ќе ни биде позната фирмата која рано напролет ќе ги започне градежните работи.Конечно ќе се израдуваме на мајсторите во манастироткои, се надевам за брзо време ќе ја завршат работата“, вели отец Калист.
До крајот на годинава ќе бидат готови проектите за реконструкција и конзервација на црквата „Успение на пресвета Богородица“, трпезаријата и за магерничкиот конак и камбанаријата.
Светски познатиот Трескавец треба да блесне до 2018 година.
Елизабета Митреска
