Заложничка драма во Мали: Ослободени дел од заложниците

20.11.2015 16:14

Ослободени се дел од заложниците во „Радисон Блу“ во Бамако, престолината на Мали. Од објектот се слушаат пукотници откако безбедносните сили влегоа во хотелот кој претходно го запоседнаа џихадисти. Има загинати и повредени...

Специјалните сили на Мали ги притиснале џихадистите на седмиот и последен кат од хотелот Радисон Блу во главниот град на Мали, Бамако. Информациите за загинати се противречни – од 5 до 13 луѓе, додека ослободени се 30 до 80 заложници и според хотелската управа, внатре останале уште 138, гости и хотелски персонал. Не се знае која група стои зад нападот, но исламските екстремисти, од 3 до 10 на број, кои пристигнале со возило со дипломатски таблички упаднале во хотелот извикнувајќи „Алах е голем“.

„Пративме специјалци да го опколат хотелот. Добивме помош и од француската амбасада и од мировниците на ОН во Мали. Во хотелот имало 140 гости, но многумина не биле внатре. Напаѓачите пукале во воздух и некои побегнале. Не е познато колку гости има во хотелот сега“, изјави полковник мајор Салиф Таоре, министер за безбедност и цивилна заштита на Мали.

По неколкучасовна заложничка криза, во акција на безбедносните сили на Мали им се приклучија француски и американски специјалци и мировници на ОН. Според очевидците, напаѓачите зборувале на англиски и ги ослободиле заложниците кои знаеле да го рецитираат Куранот. Хотелот бил популарно собиралиште на странски државјани во Мали, а меѓу заложниците имало 12 вработени на Ер Франс кои се ослободени, додека од вработените на Туркиш Ерлајнс, петмина се на слобода, но уште двајца остануваат во хотелот.

„Терористите повторно сакаат да го покажат нивното варварско присуство на секое место каде што можат да убиваат, да масакрираат и да предизвикуваат ужас. Повторно мора да застанеме цврсто и да покажеме солидарност кон нашите пријатели во Мали“, изјави Франсоа Оланд, претседател на Франција.

Нападот во поранешната француска колонија се случи само неколку дена откако лидерот на исламистичката милитантна група Ансар Дине повика на напади против Франција и нејзините интереси во земјата. Париз интервенираше во Мали во јануари 2013 година, кога милитанти поврзани со Ал Каеда ги зазедоа северните градови и се заканија дека ќе маршираат на Бамако. По интервенцијата, одговорноста безбедноста во земјата од француските и африканските трупи ја презедоа мировници на ОН. Во изминатите години зад насилствата во Мали главно стојат исламистички групи кои се обидуваат да воведат шеријат и етничките Туарези.

 

Ивана Салтировска