Анкета на ИРИ: ВМРО-ДПМНЕ со двојна предност пред СДСМ

20.11.2015 16:36

ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ, 24 наспроти 12 проценти – покажува анкетата на Меѓународниот републикански институт. Груевски има рејтинг од 18 проценти, Заев од 5. Анкетата е спроведена теренски, од 29 септември до 5 октомври, на репрезентативен примерок од 1.106 испитаници...

Владеачката ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност пред опозициската СДСМ, покажуваат резултатите од најновата теренска анкета на реномираниот Американски републикански институт (ИРИ).

24 проценти од граѓаните се определиле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Двојно помалку, односно 12 проценти одговориле дека својот глас ќе го дадат за СДСМ.

Разликата е уште поголема кога станува збор за рејтингот на партиските лидери.

Повеќе од три пати е поголем бројот на граѓани кои му веруваат на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски наспроти првиот човек на Социјал демократите Зоран Заев. 18 проценти од испитаниците се изјасниле за Никола Груевски. 5 проценти од испитаниците рекле дека се за Зоран Заев.

Никола Груевски заслужува нов премиерски мандат, дури 35 проценти од испитаниците сметаат дека Никола Груевски треба да биде реизбран. Речиси тројно повеќе од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ работи понапорно за да ја добие поддршката од избирачите.

27 проценти од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е поактивна и работи понапорно за граѓаните, наспроти само 10 проценти од анкетираните кои сметаат дека тоа е СДСМ.  Анкетата е спроведена на терен, во периодот од 29 септември до 5 октомври, на репрезентативен примерок од 1.106 испитаници.

Миле Ристески