Мигрантска криза

Состојбата на северната и јужната граница стабилна, 1.500 мигранти чекаат за влез

20.11.2015 16:56

Состојбата на македонската северна и јужна граница е стабилна. За 24 часа низ земјава транзитирале повеќе од 2.700 мигранти, покажуваат податоците на МВР. Засилени контроли на безбедносните сили на граничниот појас...

На граничен камен 59 околу 1.500 мигранти чекаат од грчка страна да влезат во Македонија. 400 не беа пуштени зашто не доаѓаат од земји зафатени со воени дејствија, информираат од МВР. Засилени контроли на безбедносните сили на граничниот појас. Од утрово грчките и македонските специјални единици во групи заедно без никаков проблем ги пропуштаа бегалците кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак.

„Ни рекоа дека ставот на граничната служба е дека само мигрантите од Сирија, Авганистан и Ирак може да одат. Ние сме овде два дена. Не сме одморени седиме на камења. Ќе останеме се додека нашиот проблем не се реши“, вели мигрант од Иран.

„Јас сум од Иран и повеќето овде сме иранци, не знам која е разликата меѓу нас, Сиријците и Авганистанците“, додава друг мигрант.

Слично е и на северната граница.

„Српската полиција ги стопира луѓето од Иран, Бангладеш,Пакистан. Велат ве молам стојте, вретете се“, вели еден мигрант.  

На видеоврските повторно нагласена потребата за поголема соработка на Македонија и Грција.

„За време на вчерашната телефонска врска и Грција и Македониај беа застапени. Знаете дека за време на лидерската средба сите се договорија да ја зголемат соработката и тоа вчера го направија. Не информираа дека комуниукацијата и информирањето се подобрени“, изјави Наташа Берто, портпарол на ЕК.

И Словенија, Австрија, Хрватска, како земји членки на Унијата имаат донесено одлука да не се пропуштат бегалците кои не потекнуваат од воени жаришта, дел од нив подигнуваат и огради.

„Доколку некоја држава како Германија или Австрија ги затвори границите, автоматски ќе имаме домино ефект и хуманитарна катастрофа на Балканот “, изјави Анастасија Илиеска, државен секретар во МВР.

Видливо засилување на македонските безбедносни сили зашто според информации  на македонска територија има околу 4 илјади мигранти кои чекаат транзит кон север. Од МВР информираа дека во изминатите 24 часа состојбата на северната  и јужната граница е стабилна и мирна.

 

Наташа Гркова- Петрушевска