Шенгенот ќе претрпи измени, границите под надзор
Франција предлага Брисел да ги заостри правилата за контрола на пасошите, пред се за граѓаните на Европска унија, кои влегуваат или излегуваат од Шенген зоната. Ваквиот предлог доаѓа откако белгискиот терорист кој учестуваше во нападите во Париз, без да биде забележан, пропатува од Сирија до Франција...

Не требаше многу Европа да се освести од надоаѓачкото зло на светската терористичка војна. Шенгенот треба да доживее ревизија, да се одредат новите правила за засилено контролирање на европските граници, надзорот врз оние кои војувале во странство, контролата врз лесното оружје се задачите кои се исправат пред министрите за внатрешни работи на Унијата.
„Контролата на надворешните граници е клучно, па затоа ЕК се согласи да поднесе нацрт предлог за изменување на Шенгенскиот договор до крајот на годината за систематски, задолжителни проверки на сите европски граници. Ова ќе важи за сите кои влегуваат во Шенгенот и го користат, дури и за оние кои ја имаат таа слобода на движење. И информациите мора да се разменат со европскиот разузнавачки систем. Интерпол да го означува движењето на џихадистите и во реално време да ги разменуваме информациите меѓу земјите членки на ЕУ“, изјави францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казанев.
Французите се притиснати во тесно по новите закани од џихадистите. За нив, Европскиот парламент и натаму го оддолжува спроведувањето на безбедносната стратегија. Се предлага и европски систем на заштита на границите. Еврокомесарот за миграција и внатрешни оди чекор натаму.
„Мислам дека е време да одиме и чекор натаму, кон создавање на европска разузнавачка организација. Да се спроведе агендата на еу за безбедност. Сега е моментот“, смета Димитрис Аврамопулос, еврокомесар за миграција и внатрешни.
Крајно десните партии во Унијата повикаа на затворање на границите. Истовремено Европа се соочува и со растечката исламофобија.
„Тоа е рамнотежата која што треба да ја постигнеме. Треба да биде јасно дека не се бориме против религијата, 80 насто од жртвите на ИСИЛ се муслимани и треба да сме заедно кога се бориме против тероризмот“, вели Андерс Јигеман, шведски министер за внатрешни работи.
Германија и Франција се со најголем број муслимани, во 2010-та пописот покажал 5 милиони во Германија, и 4,7 милиони во Франција. Најмногу се регистрирани во Русија, 14 милиони. Оваа популација, која е помлада од останатите, треба да достигне вкупно 8 насто од населението на Европа во 2030-та година.
Зоран Богатинов
