16 лица уапсени во антитерористичка акција во Брисел
Се уште не е најден организаторот на нападот во Париз, Салах Абделслам...

Белгиската полиција уапси 16 лица во последната антитерористичка операција, но се уште не е најден организаторот на нападот во Париз, Салах Абделслам. Како што известуваат некои белгиски медиуми, полицијата можеби го забележала во близина на Лиеж, како се движи во „Бе-Ем-Ве“ кон Германија, но не успеала да го запре. Вкупно 22 рации биле изведени на територијата на Брисел, а безбедносните сили пукале во едно возило во Моленбек и раниле еден осомничен кој е уапсен.
„Повреден е возачот и за сега не можеме да потврдиме дали е поврзан со истрагата и апсењата. За време на претресите немаше други инциденти“, изјави Ерик Ван Дер Сипт, федерален обвинител.
Не се најдени оружја ниту експлозиви, но во Брисел останува највисокото предупредување за сериозна и непосредна опасност од тероризам. Универзитетите, училиштата и метрото се и натаму затворени, сепак, продолжуваат со работа НАТО и Европската Комисија, со дополнителни контроли и предупредување до вработените да бидат внимателни.
