Сѐ уште се трага по „мозокот“ на нападот во Париз, Салах Абделслам

23.11.2015 10:22

Универзитетите и училиштата затворени. Движењата низ улиците редуцирани. До следниот понеделник во Брисел – највисоко предупредување за сериозна и непосредна опасност од тероризам. 16 уапсени во антитерористичка акција. Сѐ уште се трага по „мозокот“ на нападот во Париз, Салах Абделслам...

Белгиската полиција уапси 16 лица во последната антитерористичка операција, но се уште не е најден организаторот на нападот во Париз Салах Абделслам. Како што известуваат некои белгиски медиуми, полицијата забележала човек што личел на него во близина на Лиеж, како се движи во бе-ем-ве кон Германија, но не успеала да го запре. Вкупно 22 рации биле изведени на територијата на Брисел, а безбедносните сили пукале во едно возило во Моленбек и раниле еден осомничен кој е уапсен.

„Повреден е возачот и за сега не можеме да потврдиме дали е поврзан со истрагата и апсењата. За време на претресите немаше други инциденти“, изјави Ерик Ван Дер Сипт, федерален обвинител.

Не се најдени оружја ниту експлозиви, но во Брисел до понеделник останува највисокото предупредување за сериозна и непосредна опасност од тероризам.

„Главната закана е на големите настани и таму е поставено максимално обезбедување. Не можам да ви дадам повеже детали. Кога ја организирате одбраната, не можете да кажувате што правите, таквите информации може да им послужат и на напаѓачите“, вели Жан Жамбон, министер за внатрешни работи на Белгија.

Универзитетите, училиштата и метрото се и натаму затворени, сепак, продолжуваат со работа НАТО и Европската Комисија, со дополнителни контроли и предупредување до вработените да бидат внимателни. Белгиската полиција трага по најмалку 10 исламски екстремисти, од кои двајца носат експлозив како тој што го активирале бомбашите самоубијци за време на нападите во Париз. Инаку, францускиот претседател Оланд и британскиот премиер Камерон имаат средба посветена на борбата против ИДИЛ и обидите на Франција да издејствува посилна меѓународна коалиција. Британската влада се обидува да го убеди парламентот да даде поддршка Кралските воздухопловни сили освен во Ирак, да ги прошират нападите и во Сирија.

 

Ивана Салтировска