Припадници на грчката крајбрежна стража обвинети за обид да потопат чамец со сириски бегалци

23.11.2015 12:26

Видеото го објавија нивни турски колеги, а на него се гледа како 60-тина луѓе молат за помош во мракот. Тогаш човек во униформа на грчката крајбрежна стража го пробушува чамецот кој почнува да тоне...

По бројните фотографии и снимки од грчката крајбрежна стража, а дури и граѓани како извлекуваат од Егејот сириски давеници, припадници на морска патрола се обвинети за обид да потопат чамец со сириски бегалци. Видеото го објавија нивни турски колеги, а на него се гледа како 60-тина луѓе молат за помош во мракот. Тогаш човек во униформа на грчката крајбрежна стража го пробушува чамецот кој почнува да тоне, а грчкиот брод се одалечува, оставајќи и на турската стража да ги спаси давениците.

Грција е преплавена од мигранти и под постојана закана за затворање на државните граници на север, а тука е и обвинувањето дека оттаму поминале дел од терористите што ги изведоа нападите во Париз.

„Ако дозволиме да ни влезе во главите дека овие луѓе се терористи, тогаш ние губиме. Нема потреба да паѓаме во таа стапица“, вели Ставрос Миројанис, грчка крајбрежна стража.

Грчките воени власти изразиле шокираност кога го виделе видеото и ветиле дека ќе ги преземат неопходните мерки. Од Хјуман Рајтс Воч и претходно изразуваа загриженост дека бегалските чамци се спречувани да стигнат во Грција преку Егејско Море. Очевидци раскажуваат за непознати и вооружени мажи како намерно ги бушат гумените чамци или ги влечат назад во турски води.

 

Ивана Салтировска