Нови 15 наслови поддржани за превод од странски издавачи
Од 17 пристигнати апликации, стручната комисија обезбедила поддршка за превод на 15 дела од 14 македонски автори...

Објавени се најновите резултати од конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската книжевност од страна на странските издавачки куќи, една од стимулативните мерки во Националната стратегија на Министерството за култура. Од 17 пристигнати апликации, стручната комисија обезбедила поддршка за превод на 15 дела од 14 македонски автори.
Министерката Канческа-Милевска истакна дека мерката се спроведува во интерес на македонските автори, за да се олесни нивниот пристап до странските издавачки куќи и да им се обезбеди поголем пласман на нивното творештво во меѓународен контекст.
Уверена сум дека преводите на македонските автори ќе бидат придобивка за многу генерации, како трајна вредност, како голем влог во промоцијата на нашата култура во Европа и светот, рече Канческа-Милевска и најави дека новиот конкурс за странски издавачи ќе биде објавен во јануари 2016 година и ќе биде отворен во текот на целата година.
Од почетокот на 2014-та, од кога се применува оваа стимулативна мерка, поддршка за превод добиле 62 книги од 40 автори на 18 јазици, а вкупно за сите нив се обезбедени 7.290.000 денари.
