Отворена првата детска градинка во Врапчиште
Првата детска градинка во општина Врапчиште е доказ дека Владата на Република Македонија инвестира во образованието на децата уште од најмали нозе...

Во општина Врапчиште денеска беше отворена првата јавна детска градинка „Пранвера“. Во градинката, којашто ќе функционира во основното училиште во село Врапчиште, ќе бидат згрижени педесетина деца од турска и албанска етничка заедница, а во иднина и повеќе зависно од потребите.
Првата детска градинка во општина Врапчиште е доказ дека Владата на Република Македонија инвестира во образованието на децата уште од најмали нозе. Тука, децата ќе се здобијат со основните предзнаења, ќе стекнат навики за полесно совладување на наставниот материјал со кој ќе се соочат во текот на нивното основно образование, истакна министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми.
„Пред 30 дена во Владата на Република Македонија помина заклучок и одлука и во општина Врапчиште да се адаптираат неколку училници не само во центарот на општината во Врапчиште, туку и во други поголеми населени места како што е населеното место Градец, Добри Дол, Неготино полошко, се со цел и таму да се адаптираат училници и децата од тие населени места да бидат опфатени во градинки, затоа што има една главна компонента освен социјалната, тоа е едукативната компонента која е многу битна за децата да се подготват за основно образование“, рече Адеми.
Владата на Република Македонија, преку Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините се обидува неколку училници во основните училишта да ги адаптира во градинки, да вработи адекватен кадар и тој број на деца да се зголеми.
