800 илјади мигранти годишно се жртви на трговија со луѓе

23.11.2015 14:59

Годишно над 800 илјади мигранти се жртви на трговија со луѓе и криумчарење. 32 билиони долари инкасираат криминалците – организатори или соучесници во овие дејствија, говорат анализите на Меѓународната организација за миграција...

Секоја година 800 илјади лица се жртви на трговија со луѓе и криумчарење мигранти. Најчесто паѓаат во замката на криминалците  поминувајќи ги државните граници на различни земји. Фрапантни 32 билиони долари се влеваат во џебовите на трговците со луѓе и на криумчарите на мигранти, покажала светската статистика. Извештајот на Mеѓународната организаија за миграција од ноември минатата година индицира вакви појави на рутата на мигрантите од Блискиот Исток преку Турција и Западниот Балкан кон Европската унија.

„Постојат индикации кои укажуваат на тоа дека мигрантите и бегалците додека поминуваат низ оваа рута се предмет на разни злоупотреби, како криумчарењето, потоа се предмет на принуди, на измами, експлоатативни практити, кои укажуваат на постоење на елементи на трговија со луѓе“, вели Соња Божиновска, ИОМ.

За италијанскиот амбасадор во земјава, одлуката на Македонија да не се пропуштаат економските мигранти е мудра. Но, треба да се размислува и за евентуално  влошување на состојбите.

„Мислам дека треба да го земеме предвид ризикот, односно сценариото дека ризикот ќе се зголеми. Како што видовме откако Македонија ги затвори границите за економските мигранти, тоа влијае на процесот и на движењето на мигрантите. Мора да ја земеме предвид еволуцијата на терен, но секако вашата препорака е мудра, особено делот со строгата размена на информации и соработка меѓу сите вклучени страни“, вели италијанскиот амбасадор во земјава, Ернесто Масимино Белели.

Во проектот на Меѓународната организација за мигртанти учествувале експерти од Фронтекс, Еуропол, а на работилицните- полициски службеници, граничната полиција и ресорното министерство, судии и јавни обвинители.

Препораките пак, се однесуваат на прекуграничната соработка при идентификувањето на меѓународните случаи на трговија со луѓе и криумчарење мигранти како и за водење и спроведување истраги за такви случаи.

 

Фиљана Кока