Попоски: Пропуштање само на мигрантите кои можат да го продолжат патот кон ЕУ

23.11.2015 15:29

Државава ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги употреби сите ресурси за заштита на границата и спречување неконтролирани премини на мигрантите. Ќе ги насочува кон точките каде може да бидат контролирани – вели шефот на дипломатијата Никола Попоски. Македонија не може да ги отвори вратите за престој на бегалците кои не можат да бидат згрижени во ЕУ...

Хуман третман на мигрантите, контрола на границата и пропуштање само на оние кои можат да го продолжат патот кон западно европските земји - три клучни приоритети на Македонија, кога е во прашање бегалската криза.

„Упативме јасна порака дека ќе ги преземеме сите мерки за обезбедување на нашата граница. Бегалците ќе бидат пренасочувани на точките каде што можат да бидат регистрирани и да биде дефинирано дали може да влезат во Македонија на пат кон западно-европската дестинација“ - рече министерот за надворешни работи Никола Попоски, по состанокот со земјите членки на Европската унија.

„Имаме недвосмислена одлука да ги употребиме сите неопходни ресурси зависно од проценката дали ќе се однесуваат на физичко ограничување и насочување или со луѓе или комбинација од двете со цел да обезбедиме безбедност на Република Македонија, да не дозволиме неконтролирани премини“, изјави шефот на дипломатијата Попоски.

Попоски вели дека сме соочени со мигранти кои имаат право да бараат азил, но има и такви кои се од земји кои немаат такво право. Македонија ги почитува одлуките на Австрија, Словенија, Хрватска и Србија за намалување на протокот на мигранти, но, тоа е фактор кој влијае на бројот.

„Економските мигранти кои во моментов се наоѓаат на грчка територија, но се обидуваат да влезат во Македонија, тоа што го слушнавме од комуникацијата со грчките власти, а на денешниот состанок беше потврдено и од грчкиот амбасадор, е дека Грција презема мерки за нивно отстранување, односно непопречување на протокот без примена на сила“, рече Попоски.

Министерот Попоски рече дека Македонија ќе ги преземе сите мерки за хуман третман на мигрантите без оглед колку помош ќе добие. Се надева дека  сите најавени контигенти за помош ќе стигнатво земјава.

 

Наташа Јанчиќ