Брисел: Нова рација, петмина уапсени

23.11.2015 15:47

За време на синоќешните рации во кои централните улици на брисел биле блокирани речиси три часа биле уапсени 16 луѓе, а пребарани биле 19 куќи. Абдеслам не бил меѓу уапсените...

Трет ден во Брисел на сила се безбедносни мерки од највисокото, четврто ниво по париските терористички напади на 13-ти ноември. Работната недела почна со војска распоредена на празните улици на главниот град  што влијае врз повеќе аспекти во животот во градот. Голем дел од јавните институции, трговски центри, училишта и градинки  остануваат затворени поради страв од можни напади.

„Морам да најдам друга алтеринатива за превоз. Обично се возам со метро, но денеска тоа не е возможно, така што ќе биде тешко“, вели жител на Брисел.

Градинките и училиштата остануваат затворени поради страв од можни напади.

„Денеска нема никаква настава. Училиштето е целосно затворено. Некои од колегите ми рекоа дека овде вчера било многу страшно“, изјави Лоте Де Вагтер, директор на училиште.

Во најновата полициска рација во Брисел се уапсени пет лица. Во соопштението од канцеларијата на државниот обвинител се наведува дека рацијата паралелно се одвивала во Брисел и на пет локации во Лиеж. Сепак, сомнителното „бе-ем-ве“ забележано во близина на Лиеж, за кое медиумите шпекулираа дека во него се наоѓал моментално најбараниот терорист Салах Абдеслам, нема врска со актуелната истрага. За време на рацијата биле запленети и 26 илјади евра. За време на синоќешните рации во кои централните улици на Брисел биле блокирани речиси три часа биле уапсени 16 луѓе, а пребарани биле 19 куќи.

„Околу 18 часот и 30 минути полицијата целосно ја блокира улицата Ломбард. Отпрвин ни рекоа да останеме внатре во ресторанот, а по 30 минути побараа да се евакуираме. Имаше секакви полицајци, во униформа и во цивилна облека. Стоеја буквално на секој агол“, вели очевидец.

Претходно премиерот Мишел повтори дека „постојат индикации дека цели на нападите би можеле да бидат шопинг центри и улици со поголема концентрација на продавници“. Советот за безбедност на Белгија попладнево треба да реши дали да се задржи или да се намали четвртиот степен на безбедност во Брисел кој беше воведен во текот на викендот.

 

Марина Автовска