Мигрантска криза: Иванов побара неодложна помош од ЕУ

23.11.2015 16:39

„Европската унија итно да обезбеди техничка и финансиска помош за Македонија“ - барање на претседателот Иванов на средбите во Европската комисија. Брисел има разбирање за предизвиците и ветува акција...

Предизвиците со кои се соочува Република Македонија поради мигрантската и бегалската криза, како и актуелната безбедносна состојба во Европа беа темите во фокусот на разговорите на денешната средба меѓу македонскиот претседател Ѓорге Иванов и првиот потпредседател на Европската комисија, Франс Тимерманс.

Македонскиот претседател информираше дека од почетокот на кризата земјата се потпира на сопствени ресурси, додека помошта од Европската унија изостанува. Во таа насока побара неодложна техничка и финансиска помош за земјата.

Насата држава ги сноси последиците од „нефункционалниот  механизам на Унијата“ и неспроведување на регистрација во земја- членка на Европската  Унија – констатираше на средбата претседателот Иванов и додаде дека од клучна важност е враќањето на контролата врз надворешните граници на ЕУ.

‎Тимерманс, пак истакна дека има разбирање за предизвиците со кои се соочува земјата во справување со бегалската криза и потенцираше дека ќе се заложи за што е можно побрзо обезбедување на помошта и поддршката од ЕУ.

Во однос на последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, претседателот Иванов истакна дека очекува сите општествени и политички фактори во земјата максимално да се посветат на надминување на забелешките од извештајот,  и изрази очекување дека после изборите во април идната година, Република Македонија конечно ќе добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

А утре македонскиот претседател ќе оствари средба и со генералниот секретар на НАТО алијасата, Јенс Столтенберг.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ