Експерти: Продолжување на реформите за напредок на економијата
Светски признатите говорници, учесници на самитот „Македонија 2025“ се големи оптимисти за напредок на македонската економија. Според нив вистинската насока е продолжување на реформите, подобрување на бизнис-климата, инвестирање во инфраструктурата, привлекување странски инвестиции...

Продолжување на реформите, подобрување на бизнис климата, инвестирање во инфраструктурата, привлекување странски инвестиции. Ова е вистинската насока за Македонија според говорниците на самитот „Македонија 2025“. За поранешниот грузиски премиер Ника Гилаури, високата позиција на Македонија во извештаите на светските финансиски институции во иднина ќе резултира со развојот на малите и средните бизниси.
„И тој резултат, 12-то место во извештајот на „Дуинг бизнис“ ќе се почувствува меѓу народот, меѓу малите бизниси во наредните години. Можеби не се гледа сега, но во наредните години ќе ја видите активноста со зголемувањето на малите и средните претпријатија, ќе видите дека ќе се зголеми нивниот број“, вели Ника Гилаури, поранешен премиер на Грузија.
И мотивацискиот говорник Томи Ахонен е голем оптимист за македонската економија вели дека земјата има направено големи промени во повеќе сфери. Според него економскиот развој можат да го динамизираат и информатиката и мобилните технологии.
„Македонската влада има доста сработено, значително повеќе од многу други европски земји, во однос на тоа како да помогне во растот со образованието, законодавството, индустријата итн... Се разбира дека може и повеќе, но во моментов гледаме големи промени во индустријата“, изјави Томи Ахонен, мотивациски говорник.
Според американскиот професорот Хери Крејмер за успешна економија важно е и лидерството.
„ Во македонската економија има многу енергични луѓе, постои ентузијазам за пробив. Да станете многу подобро развиен економски мотор, а за да го направите тоа, лидерството мора да има голем удел. За 10 години Македонија има потенцијал да биде една од најсилните и најживите економски средини во Европа“, смета Хери Крејмер, професор по лидерство и менаџмент.
На еден од најзначајните бизнис настани во земјава учествуваа околу 40 експерти и 250 менаџери, инвеститори и претприемачи од 20 земји. Целта на „Македонија 2025“ е да се трасира патот за развој на домашната економија.
Сунчица Николоска
