Стејт Департмент: Предупредување за патување низ целиот свет
По терористичките напади во Париз, многу европски држави го засилија нивото на безбедност, но се уште нема заедничка стратегија за спречување на нови напади. Како превентивна мерка и американскиот Стејт Департмент упати општо предупредување за патување кое ќе трае до 24 февруари 2016-та година. Американците особено се предупредуваат да бидат внимателни за време на престојните празници...

Франција нема стратегија за борба против Исламската држава. Бомбардирањата врз Рака не се доволни, бидејќи во земјата има 5 милиони муслимани што не се интегрирани во француското општество, оценува експертот за Блискиот исток и поранешен советник во француското министерство за надворешни работи Џозеф Бахо.
„Претседателот Оланд прогласи вонредна ситуација и побара од Конгресот да ја продолжи за три месеци, што е многу необично. Ова и дава специјални надлежности на полицијата. Ова нема да биде засекогаш, но е прв одговор на нападите поддржан од сите партии“, изјави Џозеф Бахо, експерт за Блискиот исток и поранешен советник во француското министерство за одбрана.
Затворањето на границите во Европа е речиси невозможно поради отворените граници меѓу земјите членки на Европската Унија и Шенген договорот. Бегалската криза и последните напади во Париз ги вратија на сцена ултрадесничарските партии кои бараат порадикални мерки за странците.
„Пораката до САД и Британија, нашите партнери, сојузници и пријатели, е дека мора да имаме поголема размена и подобра соработка на разузнавачките агенции. Политички, францускиот претседател ќе му укаже на американскиот колега дека е потребен поголем фокус на Сирија“, вели Филип Ле Кор, автор на книги и поранешен советник во француското министерство за одбрана.
Франција нема намера да испрати свои војници во Сирија, туку очекува локалното население да се справи со заканите од ИДИЛ, со помош од Западот, оценуваат експертите.
Францускиот претседател Франсоа Оланд на денешната средба во Белата куќа ќе побара од американскиот претседател Барак Обама промена на стратегијата кон Сирија. А истото тоа во четврток ќе го побара и во Москва.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
