Бизнис делегација на ССК во Кина на 5-тиот Економскo трговски форум

24.11.2015 10:52

Над 1.000 компании од Народна Република Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, премиери, државни владини претставници, делегации на највисоко ниво, претставници на агенции за унапредување на трговијата и на деловниот сектор ќе учествуваат на форумот, чија цел е унапредување на соработката на НР Кина и земјите од ЦИЕ...

Делегација на бизнисмени, предводени од претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, учествуваат на 5-тиот Економскo - Трговски Форум на Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) кој се одржува во Суџоу, Кина.

Над 1.000 компании од Народна Република Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа, премиери, државни владини претставници, делегации на највисоко ниво, претставници на агенции за унапредување на трговијата и на деловниот сектор ќе учествуваат на форумот, чија цел е унапредување на соработката на НР Кина и земјите од ЦИЕ.

Компаниите од македонската делегација  имаат можност да се претстават себеси и своите дејности и да земат учество во трите панел-дискусиите во рамки на форумот на следните теми: Тесна соработка и вложување заеднички напори кон остварувањето на замислата „Еден појас, еден пат“, давање целосна претстава за предностите на сите страни во врска со понатамошниот развој на соработката за создавање индустриски паркови, како и користење на потенцијалите за подобрување на стратегијата „интернет плус“.

Според обемот на трговска размена, Кина е меѓу првите десет трговски партнери на Република Македонија. Во првите девет месеци од 2015 година, вкупниот извоз на македонските производи на кинескиот пазар изнесува 124 милиони американски долари, што е за 2,5 пати повеќе во однос на истиот период минатата година, а увозот на кинески производи на нашиот пазар изнесува 273 милиони долари. Според Државниот завод за статистика на Македонија најпродавани македонски производи во Кина се вино, мермер и преработки од месо.

Минатата година, 4-тиот Економско трговски Форум на Народна Република Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа се одржа во Белград.