Руски воен авион се урна на турско- сириската граница, го урнала турската армија
Руски воен авион се урна на турско- сириската граница. Двајцата пилоти се катапултирале. Засега има противречни информации за нивната судбина. Русите обвинија дека авионот го урнала турската армија од земја...

Руски борбен авион Су-24 е леталото што беше соборено на турско-сириската граница. Двата пилоти успеале да се катапултираат и во моментов руски хеликоптер трага по нив. Според некои медиуми, едниот е заробен од туркменистанските бунтовници. Оттука почнуваат разликите во извештаите на руското и на турското Министерство за одбрана.
Според турската војска, два борбени авиони Ф-16 отвориле оган и собориле неидентификувано летало откако 10 пати во рок од 5 минути го предупредиле дека го прекршува турскиот воздушен простор. Се дознало дека е руско дури по соопштението на руската армија, која тврди дека Сухојот летал на височина од 6.000 метри, во границите на Сирија, што било регистрирано во податоците од мониторингот и бил погоден од земја.
Соборувањето на рускиот авион е „многу сериозен инцидент“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, додавајќи дека е се уште прерано да се изведуваат заклучоци додека не се расчисти целата ситуација.
За сега реакцијата на двете земји е многу одмерена, но токму ваков инцидент предизвикуваше загриженост откако Русија ја почна воздушната офанзива во Сирија. Досегашните договори меѓу западната коалиција и Москва се покажаа неадекватни, сметаат експертите. Според нив, Турција најверојатно ќе тврди дека на пристапите кон турскиот воздушен простор може да се применуваат само проверени процедури.
Анкара е жесток противник на сирискиот претседател Асад и веќе неколку пати предупреди на прекршување на нејзиниот воздушен простор од руски и сириски летала. Минатата недела рускиот амбасадор беше повикан во турското МНР и предупреден на сериозни последици ако руските воздушни сили не престанат да ги бомбардираат туркменските села во провинцијата Латакија. Турски авиони веќе имаат соборено најмалку еден сириски борбен авион, а веројатно и хеликоптер.
Ивана Салтировска