Првпат по 1952 година НАТО собори руски воен авион

24.11.2015 13:48

Станува збор за „исклучително сериозен и политички опасен настан“ не само поради тоа што авиони на НАТО соборија авион на руската воена авијација, туку и поради неизвесноста како понатаму ќе се развиваат работите, не толку на сирискиот фронт, колку во односите меѓу Русија и Западот...

Првпат по 1952 година, една земја членка на НАТО собори руски воен авион, посочува британската телевизија Скај во анализата по денешниот инцидент во близина на сириско-турската граница, во кој турските воени сили тврдат дека нивни авиони собориле руски „Су-24“.

Турската страна соопшти дека „странскиот авион“ го повредил воздушниот простор на Турција и пред да биде истрелана ракета кон него, бил „десет пати предупреден, во рок од пет минути“.

Руското Министерство за одбрана, меѓутоа, тврди дека авионот кој летал на 6.000 метри височина, бил погоден со ракета од земја.

Во соопштението на Министерството во Москва се вели дека соборениот руски „Сухој“ ниту во еден момент не го повредил турскиот воздушен простор и дека постојано летал над сириската територија.

Скај телевизија во извештајот од рускиот главен град јавува дека Министерството за одбрана сооштило дека располага со „прецизини докази„ дека авионот кој е соборен не повредил странски воздушен простор.

Според оваа британска телевизија, станува збор за „исклучително сериозен и политички опасен настан“ не само поради тоа што авиони на НАТО соборија авион на руската воена авијација, туку и поради неизвесноста како понатаму ќе се развиваат работите, не толку на сирискиот фронт, колку во односите меѓу Русија и Западот.