Македонија е отворена за кинеските инвестиции

24.11.2015 14:36

Шефовите на владите на земјите од Централна и од Источна Европа и на Кина на заедничка маса. Се разгледува финансирањето на крупни инфраструктурни проекти од значење за целиот регион. Во тек е 4. Самит на шефови на Влади и 5. економско – трговски форум...

Македонија е отворена за кинеските инвестиции, порача премиерот Груевски од Самитот во Суџоу. Нашата држава беше првата што обезбеди пари од Кина за финансирање крупни инфраструктурни проекти. Интензивно се работи на автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид, но постојат можности за реализација и на други крупни проекти кои според премиерот Груевски, ќе донесат поголема економска стабилност и просперитет. Односите меѓу нашата држава и НР Кина бележат нагорен тренд, се зголемува соработката во рамките на Централно-европската иницијатива.

„Низ територија на Македонија минуваат важни европски коридори и постои голем интерес нашата земја да се вклучи во нови заеднички инфраструктурни проекти во рамките на Процесот на соработка 16+1. Македонија успева да сочува стабилна макроекономска политика и да постигнува одлични резултати признати од реномирани меѓународни финансиски институции. Владата на Република Македонија е посветена на привлекување на странски инвестиции и е отворена за кинеските инвестиции“, изјави премиерот Никола Груевски.

Кина продолжува да биде стратешки партнер на земјите од Централна и од Источна Европа – порача премиерот Ли Кечијанг, треба да се искористат расположливите потенцијали. Кина е подготвена да финансира проекти во делот на патиштата и железницата, градежништвото, информатичките технологии и земјоделството.

„Политичката доверба на страните го сигнализира огромниот потенцијал за економска соработка, трговија и инвестирање со и во земјите на Централна и Источна Европа. Во моментот кинеските компании се подготвени за инвестирање во државите во Европа, инвестицискиот пакет е 5 милијарди долари и мислам дека инвестициите би растеле за половина од оваа сума во наредниот период“, нагласи премиерот на НР Кина, Ли Кечијанг.

Во рамките на посетата, предвидена е и средба на македонскиот премиер Груевски со претседателот Си Џипинг.

Можностите за соработка, освен на ниво на шефови на влади, се разгледуваа и од бизнисмените. Според проценките, присутни се повеќе од илјада стопанственици. Македонската делегација ја предводи Сојузот на стопански комори. Средбите се очекува да резултираат со поблиски врски, зголемена трговија и нови инвестиции.

Кина веќе се позиционираше меѓу најголемите 10 трговски партнери на Македонија. За девет месец од годинава – вкупниот извоз од нашата земја достигна 124 милиони долари, за 2,5 пати повеќе во однос на истиот период лани. Вредноста на увозот на кинески производи на нашиот пазар изнесува 272 милиона долари.

 

Мартин Пушевски