Недела на грижа за старите лица, организирани посети и бесплатни прегледи

24.11.2015 16:12

Волонтерите од Црвениот крст под мотото „Сите сме нивни деца“ ќе ги посетат нивните домови. Организирани се и бесплатни прегледи и активности во дневните центри и во домовите за стари лица. Во Македонија 15% од населението е над 60 години...

Посети на стари, осамени и изнемоштени лица во нивните домови, доделување помош, бесплатни прегледи се дел од активностите кои во наредните денови во целата држава ќе ги реализираат волонтерите на Црвениот крст.

Грижата за старите лица се обезбедува во дневните центри, но и во домашни услови. Дневните центри функционираат во Скопје, Велес, Крива Паланка, Кичево, Струга и Дебар. Во рамките на грижата во домашни услови ангажирани се вкупно 65 волонтери на Црвениот крст и 11 медицински сестри.

Од Сојузот на пензионери се задоволни што во земјва се прават напори за подобрувањето на условите за живот на ранливите стари лица.

Според податоците на ОН, секој десетти човек во светот е на возраст над 60 години. Проекциите се дека за 35 години секое петто лице ќе биде на возраст над 60 години.

 

Наташа Јанчиќ