Интензивно се гради: Автопатската мрежа се зголемува за 50%

24.11.2015 16:54

Од Владата најавуваат зголемени вложувања во инфраструктурата, што ќе повлече ангажман на нови работници и на нови градежни компании...

Забрзано се градат автопатските делници. Ангажирани се над 3.000 работници. Градежната оператива активно работи на рехабилитацијата на автопатот Велес – Скопје, како и изградбата на новите три автопатски делници: Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Штип и Кичево- Охрид, со што вкупната автопатска мрежа во државава за зголемува за 50%.

Од Владата најавуваат зголемени вложувања во инфраструктурата, што ќе повлече ангажман на нови работници и на нови градежни компании.

„Со изградбата на овие три автопатски делници доаѓа до сериозно зголемување на автопатската мрежа во Р. Македонија за 50% од онаа која е веќе постоечка. Особено е битно тоа што во моментот на патната инфрасруктура се ангажирани 3.000 работници. Имајќи во предвид дека следната година ќе почне изградбата на нови експресни и на регионални патишта, очекуваме овој број сериозно да расте“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Во завршна фаза е рехабилитацијата на автопатот Велес-Скопје до Катланово. Оваа делница се очекува да биде целосно завршена во наредните 2 месеца. Комплетирани се речиси 70 проценти од работите на делницата Демир Капија – Смоквица. Пробиени се двата тунела, а автопат идната година треба да биде целосно готов.

Веќе се пробиени над 90  проценти од трасата Миладиновци- Штип, асфалтирани се првите километри, а целиот зафат треба да биде заокружен до 2017-та.

Автопатската делница Кичево – Охрид е пробиена речиси 100%. Активностите се одвиваат согласно предвидената динамика.

 

Дијана Ценевска