Македонија издаде еврообврзница од 270 милиони евра

24.11.2015 17:08

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше два и пол пати повисока и достигна 632 милиони евра...

Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал денес успешно издаде еврообврзница на износ од 270 милиони евра. Рокот на враќање е 5 години односно 2020 година, соопшти Министерството за финансии.

Побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница беше два и пол пати повисока и достигна 632 милиони евра. Тоа овозможи да се постигне каматна стапка од 4,875 проценти, односно стапка на принос од 5,125 проценти.

Македонската еврообврзница ја запишаа над 100 инвеститори од кои најголем дел се од Европа и САД, а останатите се од други земји.

Меѓу инвеститорите се најпознати инвестициски банки во светот, пензиски фондови, осигурителни компании и еквити фондови.

Трансакцијата се реализираше во соработка со Сити банк, Дојче банк и Ерсте банк.