Неуспешен старт на Анкетната комисија за прислушувањето

24.11.2015 17:17

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека не добиле известување да достават забелешки на деловникот. Од СДСМ тврдат дека тоа е направено пред пет дена...

На првата седница на Анкетната комисија за прислушувањето, неуспешен обид да се донесе деловникот за работа. Членовите од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека не добиле известување за доставување забелешки. Освен тоа посочија и дека актот не е усогласен со собранискиот деловник и дека има многу недоречености и нелогичности. Копјата се кршеа и за ставот дека во случај на еднаков број гласови за одредена одлука, како втор и решавачки да биде гласот на претседателот.

Шилегов посочи дека пред 5 дена била испратена поканата за седницата, но како што рече до нејзиниот почеток никој не доставил никакви забелешки.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа партиите да се координираат за да се донесе деловникот едногласно. Нема никаква намера за одолговлекување на работата на комисијата, одговори Милошоски. Целта е да се дознае кој, со каква цел и за кого нелегално прислушувал.

Дел од членовите и со конкретни забелешки како треба да функционира Анкетната. Топузова-Каревска смета дека одлуките мора да се носат со непарен број и дека треба да има ограничување во излагањата на повиканите сведоци.

Разликите ќе се пеглаат на утрешната координација кај претседателот на Анкетната комисија. Продолжението на седницата е в четврток. Анкетната треба да го подготви извештајот до крајот на јануари.

 

Милчо Велески