Иванов: НАТО да ги има предвид новите предизвици и околности кога носи одлука за проширување
Претседателот Иванов и на ова средба со првиот човек на НАТО, уште еднаш побара почитување на Хашката пресуда во корист на Македонија...

Очекувањата на Република Македонија од престојниот НАТО самит во Варшава, предизвиците со кои се соочува нашата држава поради мигранската криза, безбедносната состојба во Европа како и последните случувања во Сирија, беа темите за кои се разговараше на средбата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов и генералниот секретар Јенс Столтенберг. Претседателот Иванов и на ова средба уште еднаш побара почитување на Хашката пресуда во корист на Македонија.
„Ги пренесов нашите очекувања од престојниот минисертски состанок во декември и самитот во Варшава. Имаме нова реалност и тоа треба да се почитува, имаме поместување на геополитичките состојби во светот, нови предизвици се јавуваат. Така да кога ќе се носат одлуките на самитот во Варшава, НАТО да ги земе в предвид овие околности и конечно да ја почитува пресудата од Меѓународниот суд во Хаг, слушаме дека НАТО постојано се повикува да се почитува меѓународното право, презементите обврски, но тоа треба да важи и за Македонија“, рече претседателот Иванов.
Во однос на мигранската криза претседателот Иванов рече дека му упатил покана на генералниот секретар на НАТО лично, да се увери за состојбата во нашата држава, која како и многу пати досега покажа дека преставува мост меѓу Блискиот Исток, Азија и Европа.
„Затоа ја упатив таа мисла, зар требаше да се случи мигранската криза, за да се укаже кој е најфрекфентиот, најстратешкиот правец во овој дел од Европа, и во светот“, додаде Иванов.
На средбата Столтенберг истакнал дека внимателно ја следи состојбата во Македонија и ги знае фрустрациите со кои се соочува земјата. На состанокот не станало збор за зголемување на бројот на мигранти кои треба да ги згрижи Република Македонија.
Со денешниот состанок, во рок од само три дена се заокружија средбите на претседателот Иванов со челниците на Европските институции.
Главанат порака која претседателот Иванов им ја упати на своите соговорници во дводенвата работна посета во Брисел е дека е крајно време да се одблокира евроинтегративниот процес на Република Македонија.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
