Продолжуваат меѓусебните обвинувања меѓу Русија и Турција
Продолжуваат меѓусебните обвинувања на официјална Москва и Анкара по вчерашниот инцидент на турско- сириската граница, кога беше урнат руски воен авион. Претседателот Путин го квалификува како забивање нож во грбот од Турција. Непотврдени информации говорат дека еден од пилотите е рацете на сириската војска...

Расте тензијата и меѓусебните обвинувања на релација Анкара – Москва, по вчерашниот инцидент на сириско турската граница, кога беше урнат руски Сухој. Светската јавност во исчекување дали инцидентот ќе го продлабочи јазот меѓу Русија и Нато. Руското министерство за одбрана доцна синоќа соопшти дека сухојот летал над Сирија и во ниту еден момент не навлегол во турскиот воздушен простор. Официјална Москва смета дека постапката на Анкара е флагрантно кршење на меѓународното право кое повлекува сериозни последици. Руските бомбардери кои изведуваат антитерористички операции во Сирија во иднина ќе ги следат ловци, изјави началникот на генералштабот Рудској. Воедно додаде дека министерството за одбрана презело дополнителни мерки за безбедност и ги прекинува сите контакти и соработката со официјална Анкара.
„Ве предупредувам дека сите за нас потенцијално опасни цели веднаш ќе бидат уништени“, изјави Рудској.
Турскиот претседател Ердоган смета дека секоја земја има право да си го брани интегритетот.
„Никој не треба да се сомнева дека турција направи се за да го избегне инцидентот, ние не ја сакавме оваа ситуација, но сите мора да го почитуваат правото на турција да ги штити своите граници“, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Шефицата на европската дипломатија Могерини повика на смиреност и двете страни да не дозволат состојбата да ескалира. И Пентагон со реакција за инцидентот.
„Ги повикуваме Русија и Турција да ја намалат напнатоста, и за тоа да користат преговори, дипломатски средства и мерки за спречување на конфликт“, изјави Питер Кук, потпарол на министерството за одбрана.
Со транспаренти „нож забиен во грб“ и „не одиме во Турција“ повеќе од 600 луѓе вчера протестираа пред амбасадата на Турција во Москва.
Марија Петковска