Економска соработка со Кина: Македонските фирми очекуваат нови зделки

25.11.2015 11:06

Завршување на постојните проекти и реализација на нови, за уште поголема економска соработка- премиерот Груевски со порака до кинеските власти, на самитот на шефовите на владите на земјите од Централна и Источна Европа што се одржува во Суџоу. Кинескиот премиер истакна дека неговата земја останува стратегиски партнер на европските земји, и дека треба да се искористат сите расположливи потенцијали...

Кинеските компании планираат да влезат со повеќе инвестиции во Централна и во Источна Европа. Отворените се за нови партнерства, а македонските компании очекуваат соработката да резултира со зделки кои ќе бидат од корист за нашето стопанство.

„Се надевам дека македонските компании ќе ги искористат конекциите кои  ги воспоставивме за време на форумот и очекувам да произлезат конкретни проекти за пласирање македонски производи на кинескиот пазар, за трансфер на знаење, размена на искуства и сè она што е потребно за воспоставување поинтензивна соработка со Кина“, изјави Данела Арсовска, претседателка на ССК.

Се разгледуваат можностите за поголема соработка со кинеските компании, но и со другите фирми од Централна и од Источна Европа кои се присутни на економскиот форум во Кина. Инфраструктурата, градежништвото, ИТ – секторот и туризмот се детектирани како полиња од заеднички интерес.

„Се надевам дека инвестициите на кинеските компании во Централна и во Источна Европа ќе растат најмалку двојно, но јас сакам да им посакам добредојде и на компаниите од вашите земји, и да ги повикувам да инвестираат во Кина. Вкупниот обрт на кинеските компании во Централна и Источна Европа достигнуваа до 40 проценти од вкупниот обрт на Кина во цела Европа. Овде со нас има големи компании, се надевам дека ќе се постигнат договори за соработка од различен вид“, изјави кинескиот премир Ли Кечијанг.

Според македонскиот премиер Груевски, средбите во Кина отвораат нови можности, но ја продлабочуваат и веќе воспоставената соработка.

„Република Македонија ја препозна и ја прифати можноста, понудена од  Владата на НР Кина, за финансирање  инфраструктурни проекти од формираниот кредитен фонд,  договорен со Варшавската иницијатива. Нашата земја прва потпиша договор и во моментов се градат две нови автопатски делници. Веруваме дека секоја држава, независно од големината на нејзината територија или население, може да го пронајде своето место под сонцето  на глобалната економска сцена“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Шефовите на владите од Централна и од Источна Европа плус Кина од градот Суџоу се префрлија во Пекинг, за продолжување на разговорите за финансирањето крупни инфраструктурни проекти.

 

Мартин Пушевски